Kривична за бивш директор на средно училиште во Гостивар – Присвоил службен мобилен и точел гориво без документација

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднела кривична пријава против И.Д.(38) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување“.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека во периодот од ноември 2017 година до март 2018 година како директор на средно општинско училиште во Гостивар пријавениот присвоил мобилен телефон, кој бил сопственост на училиштето, додека во повеќе наврати, од сметката на училиштето, искористил вкупно 12.000 денари за гориво, без да приложи соодветна документација.

Од МВР додаваат и дека на 17.02.2018 година пријавениот, спротивно на Правилникот за начинот на изведување на училишните екскурзии на учениците од средните училишта, овозможил да се организира и спроведе еднодневна екскурзија во Косово.