Критиката во регионот – промоција на две книги и разговор во МСУ

Во рамки на „КРИК 03“ вечерва во 20 часот во МСУ продолжува да се акцентира важноста на критиката. Ќе се промовираат книгите „Напомош, читаме книга!“ и „Опасно читање, поимник за книжевна критика“.

На настанот ќе се одржи и дискусија „Критиката во регионот“ со Лука Остојиќ, Миљенка Буљевиќ, Миха Келемина, Весна Милосављевиќ и Лујо Парежанин. Модератор ќе биде Никола Гелевски.

„Booksa.hr заедно со партнерите Kontrapunkt, Kurziv, SEEcult и SCCA создадоа и објавија два поимници од областа на книжевната критика. Овие книги не се конвенционални поимници, бидејќи не ги дефинираат условите, но ги користат како почетна точка за да иницираат размисли за книжевноста, книжевната критика и нивната улога во современото општество“, стои во најавата за настанот.

Според најавите, двата поимници го прикажуваат потенцијалот на критичкото читање и поширокиот контекст во кој се случува ова читање (и уметничката критика воопшто).

„И во ова издание КРИК ќе се застапува за сегментот кој директно ја засега уметничката продукција – станува збор за критиката и критичката рефлексија. Без критика не може да има вистински исчекор, вистинска промена. Клучното прашање кое ќе се отвори со регионалната партнерска платформа ‘Kритичките ставови во регионот’ е што претставува критиката денес, со акцент на критиката на уметничките пратики и нејзината фрагментираност со процесите што ја условуваат нејзината трансформација. Каде се наоѓа денес критиката, кому се обраќа, која е нејзината улога и како таа ги наоѓа своите нови форми и јазици – се некои од прашањата на кои често се навраќаме и се обидуваме да ги држиме отворени во просторот на поширока јавна дискусија“, велат организаторите на фестивалот за критичка култура „КРИК“ – Контрапункт.

Инаку, платформата „Критичките ставови во регионот“ е во партнерство со kulturpunkt. hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија) и SCCA-Љубљана (Словенија).