Критична маса #74: Дрвјата се нашата клима

На скопскиот плоштад „Македонија“ во среда (27 јуни) од 19 часот ќе започне 74-та велосипедска Критична маса, овој пат на тема „Дрвјата се нашата клима“.

Од иницијативата НаТочак прашуваат како се чувствувате кога пешачите, возите точак, користите автобус во овој град?

„Постојано во конфликт едни со други (и си се обвинуваме, место да ги обвинуваме оние кои несоодветно испланирале), постојано под опасност од автомобилите, постојано во непријатни услови: стеснети, неугледни, блокирани, непријатни, а во лето, згора нa сè и жешко! Некаде во светов имаат проблем со снегови и ветрови, ниски температури во текот на голем дел од годината и се борат со подобра облека, ние тоа го немаме. Цела година е пријатно, но во лето го имаме топлото време кое во комбинација со преасфалтираниот град ги подигнува дополнително температурите (ефект на urban heat island). Тоа е предизвикот за Скопје! Како да ги симне температурите за пешачењето и возењето точак да станат возможни и пријатни во жешките лета“, соопштуваат од иницијативата.

Вело-активистите потенцираат дека има огромна разлика меѓу патеки кои се изложени на сонце и покрај кои има дрвореди од соодветна страна. Затоа, велат тие, и луѓето ги бираат вторите, често правејќи и прекршок, само да се спасат од жешкото.

„Сметаме дека зеленилото треба да ги следи речиси сите пешачки и велосипедски патеки во Скопје како град многу топол во лето, особено оние патеки кои се изложени на сонце од јужната страна. Зеленилото ни прави пријатна и освежителна сенка, ни одржува пониски температури, подобра влажнот, посвежа микроклима кога пешачиме и возиме точак. Зеленилото и сообраќајот мора да се планираат паралелно, од самиот почеток на проектот, ако навистина како град имаме визија луѓето повеќе да пешачат и да возат точак. Мораме да планираме мултимодално, да планираме комплетни улици и зелена инфраструктура!“, соопштува НаТочак.

Според велосипедистите, на дрвјата обично ни текнува во зима кога е загадено. Но, покрај дрвја е убаво и во пролет кога цутат, и во есен кога паѓаат лисјата.

„Но, дрвјата не се значајни само за естетиката или само за прочистувањето на воздухот и борбата со климатските промени, туку и во регулирањето на микроклимата локално и правењето на градот попријатен за пешачење и возење точак, па и за чекање автобус. Кога сме пешки или на точак немаме оклопи, немаме климатизери, не трошиме фосилни горива за да се ладиме. Дрвјата ни обезбедуваат сенка, ладовина, свежина. ДРВЈАТА СЕ НАША КЛИМА! Затоа и им ја посветуваме оваа Критична маса“, велат вело-активистите.

Рутата за Критична маса #74 може да ја видите ТУКА.