„Кратко, ем јасно“ со Владимир Мартиновски -професор, писател, преведувач

Читањето книги во едно време-невреме во кое на сите од нас им требаше некакво филтрирање или чистење на умот и духот е небаре потреба. Во ова кратко интервју имавме прилика да поразговараме со поетот и писателот Владимир Мартиновски за неговата последна книга во која од повеќе аспекти длабоко се истражува и спознава хаику творештвото.

Неодамна излезе Вашето дело Далеку, а блиску (Три, 2020), кое поврзува навидум две сосема различни култури – македонската и јапонската. Но, Вие на сосема длабоко истражувачки и опиплив начин ни ја доближувате јапонската или источната книжевност (пред сè хаику поезијата). Веројатно ниту една култура не е онолку далеку колку што всушност нашата перцепција и различните историски факти го прават тоа така да биде. Зошто ние луѓето несвесно или свесно тежнееме кон антагонизирање, или оддалечување?

Со оваа збирка од 33 есеи за јапонско-македонските книжевни врски се обидувам да понудам одговори како книжевноста и уметноста ги преминуваат временско-просторните граници, дури и кога се работи за исклучително далечни култури. Затоа, есеите од кои е сочинета оваа книга се подредени во два блока. Во првиот се понудени анализи на ремек-делата на класичната јапонска поезија, проза и драма, како и неколку репери на современиот јапонски роман. Во вториот блок есеи фокусот е ставен врз креативната рецепција на хаикуто во современата македонска поезија. Афинитетот за најкусата канонизирана јапонска лирска форма кај нашите поети се должи на неколку фактори. Македонската лексика, особено изобилието на двосложни и трисложни зборови кои лесно се вклопуваат во нерамноделните т.е. непарните ритми, овозможува природно да се запази версификациската матрица на хаикуто (5/7/5). Исто така, идеалот за „строгост и едноставност” на поетскиот израз е зацртан уште кај Блаже Конески, а елиптичното изразување го среќаваме во илјадници поетски бисери на македонската народна лирика, која е основата и на современата македонска поезија. Тука е секако и интересот за пејзажот, за природата, која е уште една значајна нишка меѓу двете поетски традиции. Очигледно е дека овој краток поетски жанр кореспондира и со сензибилитетот на современата поезија и со минималистичките книжевни тенденции.

Споменувате повеќе македонски автори кои пишуваат хаику и чиешто творештво е неминовно важно во македонскиот творечки поетски опус. Некои од тие автор(к)и се Цане Андреевски, Подгорец, Миркуловска, Ќулавкова, Дабески, Алексанар Кујунџиски, Прокопиев, Аргакијев, Маџиров, Донева, Марковски, итн. Сите овие пишуваат хаику или имаат вметнувано хаику елементи во својата поезија, меѓутоа како македонската јавност, говориме пред сè за читачката публика да нема доволен допир со хаикуто, многу малку знајни хаику песни се вклучени во нашата култура. Дали и зошто сметате дека можеби со Далеку, а блиску ќе допрете до читателите да ја осознаат повеќе оваа убава пишувачка јапонска форма?

Во Јапонија, кусите поетски форми се присутни уште во архаичниот период, а предокот на хаикуто (кусата песна вака или танка) е вткаена во јапонската култура уште од VIII век. Во македонската средина, хаику се пишува повеќе од половина век. Првите оригинални хаику-песни на македонски јазик објавени во книга го сочинуваат циклусот песни „Чунови“ – „Хаику“ од поетската книга Заприоко (1966) од Александар Поповски. По безмалку две децении објавена е првата стихозбирка исцело составена од хаику-песни Врв (1983) од Христо Петрески. Од денешна перспектива, индикативен е податокот дека веќе стотина современи македонски поети досега имаат објавено хаику-творби во поетски книги и во книжевната периодика или во специјализираното списание за хаику – Мравка. Од друга страна, единствениот заокружен хаику-опус, оној на Видое Подгорец (1934 – 1997), вбројува над илјада хаику-песни. Од моето досегашно критичко проследување на македонската хаику-сцена, би истакнал дека може да се сретнат автори кои доследно ги следат параметрите на традиционалното хаику, но и автори кои смело експериментираат и на тематски и на стилски план. Има и автори кои ја ползуваат само формата на хаикуто, но и автори кои поетичките елементи од хаикуто ги применуваат и во пишувањето песни и куси прози. Меѓу другото, една од клучните причини за еруптивната експанзија на овој жанр е потребата од нови реторички стратегии во поезијата, како и потребата за духовност на денешниот свет, што се наоѓа во материјална и духовна криза. Актуелниот интерес за овој древен лирски жанр го толкувам и како потреба за инволвирање и на етичките параметри и на хуманите вредности во естетскиот чин.

Во книгата ги споменувате кабуки и но театарот, суицидноста кај јапонските љубовници и нивниот корен, убавината и тагата, но пишувате и за Јасунари Кавабата во чиишто дела е често е присутно mono no avare или „тагата на светот“ во контекст на будистичкото гледање на нештата во кое сè е минливо. Германците пак за „тагата на светот“ го имаат изразот Weltschmerz, за првпат вметнат во нивната книжевност од Жан Пол. Дали постои и каква е паралелата помеѓу јапонската и останатата светска меланхолија?

Тагата е тага кај сите луѓе, но начините како таа се вткајува во уметноста може битно да се разликуваат. Тага, жал, чемер, меланхолија и сродни чувства има и во античките елегии и трагедии, и во ренесансните сонети и балади, и во романтичарските поеми, и во оперите, и во блузот и во нашата „Т’га за југ”… Секако, тага има и во јапонската класична и современа литература. Интересно е дека еден од клучните постулати на јапонската традиционална естетика моно но аваре (mono no avare), неретко се преведува со „тагата на светот“. Но, би требало да прецизираме дека таа „неискажлива тага на светот“ не е патетична состојба на духот, ами чувство и свесност за „минливоста на сите нешта“, кое несомнено потекнува од будистичкото поимање за минливоста на појавниот свет. Во едно од најпознатите хаику песни на Мацио Башо, сликата на стариот гавран на голата гранка е слика и за поетовата или човековата осаменост. Кобајаши Иса има стотици песни посветени на кратковечните и кревки инсекти. Хаикуто е грижа за Другите. Хаикуто ги забележува и ги овековечува промените во нас и околу нас. Хаикуто е поезија на мигот. Без разлика дали пишуваме или читаме хаику, тоа може да ни донесе свест за драгоценоста на секој миг. Свест дека сè постојано се менува. И убавината е исто така осудена на минливост, што не ја намалува нејзината улога во облагородувањето на животот.

Теодора Соколовска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески