„Кратко, ем јасно“ со Горан Митевски, поранешен директор на МВР

МОН ги запостави младите во времето на пандемијата. Основното и средното образование потфрлија во организирањето на онлајн настава. Не сите наставници се снајдоа во новата улога, вели Горан Митевски, поранешен директор во МВР, кој во својата кариера поголемиот дел од својот работен век го посветил на младите и на нивното однесување. Повозрасните наставници со по 20 и повеќе години работен стаж не добија соодветна обука од Бирото за развој на образование и придонесоа за пад на авторитетот на наставниците кај учениците.

Колку за Вас, како поранешен директор на МВР, е значајна улогата на психолозите и педагозите од училиштата за време на пандемијата од коронавирусот?

Ако за време на физичкото присуство на учениците тие можеа да го следат нивното однесувањето за време на часовите, за време на паузите и за време на воншколските активности ( учество во најразлични клубови, спортски секции и сл.), за време на онлајн наставата нивната улога комплетно отсуствува, односно тие се целосно исклучени од наставниот процес и не се во можност да го анализираат однесувањето на учениците за време на онлајн наставата. Случајот во ОУ Владо Тасевски каде два ученика беа суспендирани за несоодветно однесување кон наставникот за време на онлајн наставата не претставуваше доволен сигнал кај надлежните во МОН да направат истражување како да го подобрат квалитетот на наставата во новонастанатите услови.

Која е улогата на родителите на учениците во период на пандемија која е поврзана со образовниот процес, а која на медиумите?

Како родители, мораме да бидеме самокритични и да проговориме за нашата улога во организирањето на слободното време на нашите деца по завршување на онлајн наставата. Дали одреден дел од денот му го посветуваат на своето дете заеднички да гледаат квалитетен филм, да играат друштвени игри и сл. А во однос на медиумите, секојдневното ставање во фокусот на бројот на заразени и починати лица, нерешените прашања со Бугарија кои го одолговлекуваат почетокот за влез во ЕУ, бројните несогласувања на власта со опозицијата, дополнително придонесуваат младите да се чувствуваат бесперспективно, со што уште поголем број на младите го гледаат излезот во заминување во други земји на понатамошно школување и работа.

Како поранешен директор во МВР, кои се вашите превидувања за последиците по младите од пандемијата?

Последиците од пандемијата заради сите горенаведени проблеми ќе бидат катастрофални. Ќе се зголеми насилството кај младите и други девијантни појави поврзани со најразлични криминални активности. Ќе се зголеми бројот на самоубиства и други социопатолошки состојби во кои со одреден процент ќе бидат вклучени и младите. Неснаоѓањето на власта која со партизацијата на сите државни органи и институции дополнително ја усложнува и вака тешката состојба на живеење во услови на пандемија. Погрешното време на спроведување на реформи во образованието под притисок на дневно-политичките барања на Бугарија и некомпетентноста на луѓето во МОН, дополнително ја зголемува апатијата кај младите. Сметам дека е време да се слушне гласот на младиот човек, крикот на несогласување со ваквите состојби во нашата држава.

Клара М.

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески