„Кратко, ем јасно“ со Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник

Пандемијата директно го афектираше менталното здравје на сите возрасни популации, вели психологот Бојана Стојменовиќ, основачка на „Мој психолог“. Таа потенцира дека во адолесценцијата, како развоен период, една од важните задачи е градењето слика за себе, здрав однос со себе и стекнување самодоверба.

Адолесценцијата е еден важен и чувствителен период во развојот на една личност, кога и самиот адолесцент се соочува со низа промени. Како пандемијата со КОВИД-19 влијае врз нивното ментално здравје и со што во најголем процент се соочуваат тие?

Точно, адолесценцијата е важен период од растот и развојот на една личност од аспект на физички и од аспект на ментален план. Јас овој период би го нарекла и еден мал земјотрес кој се случува во семејниот систем во кој припаѓа адолесцентот и период исполнет со многу развојни предизвици и задачи. Пандемијата директно го афектираше менталното здравје на сите возрасни популации. Адолесцентите од друга страна, ако ги тргнеме на страна развојните предизвици и промени, се соочија и со други промени кои од нив бараа вложување поголем напор, поголема адаптација и вложување поголема енергија. За пример ќе го посочам онлајн училиштето, кое од нив бараше поинаква организација на времето и функционирањето.

Секојдневно низ социјалните мрежи сме сведоци на пласирање информации и слики од среќни и убави луѓе, кои постојано се средени со скапа гардероба, а опкружени со луксуз и навидум исполнет живот. Колку таа нереална слика влијае на самодовербата кај адолесцентите?

Не би сакала да генерализирам и сите адолесценти ги ставам во еден ист кош. Во адолесценцијата, како развоен период, една од важните задачи е градењето на слика за себе, здрав однос со себе и стекнување самодоверба. Но не сите адолесценти имаат потешкотии со самодовербата. Социјалните мрежи станаа наше секојдневие и мислам дека секојдневно се наметнуваат нови трендови преку новите платформи. Од друга страна, во овој чувствителен период очекувано е да се пројави проблем во однос на самодовербата, но социјалните мрежи не ги гледам како причина за тоа, туку можеби повеќе како фактор кој може да го засили процесот. Самодоверба е однос кон себе што се гради и учи од рано детство, а не готов продукт кој се добива на 15ти роденден. Во однос на оваа проблематика би апелирала за поголема свесност до родителите.

Кој е рецептот за воспоставување внатрешен мир и рамнотежа на емоциите?

Сметам дека живееме во време во кое сакаме да дојдеме до брз рецепт за среќа, мир, добро здравје, пари, знаење, мудрост итн.  Брз рецепт нема, особено кога станува збор за нашиот внатрешен мир и емоциите. Мирот или добросостојбата на умот, духот и телото се постигнува со работа на себе и свој развој, со воспоставување на контакт со себе, со чистење на сето она ѓубре кое е насобрано во нас со текот на годините – и за сето тоа треба време и трпение, бидејќи станува збор за процес. Емоциите пак, не се алишта кои ќе ги здиплиме и префрлиме од столче во плакарот- нив треба да ги разбереме, слушнеме, препознаеме, доживееме. Секој го следи својот процес и го гради својот рецепт.

Теодора Томовска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески