Коруноски, студент на ФИНКИ: Искуството што го стекнав во Кина е бесценето

Младен Коруноски е студент со 9.92 просек на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје. Тој заедно со уште четворица колеги и колешки од различни факултети беше дел од двонеделна студиска посета во Кина. Во текот на престојот, овие студенти имале прилика да се запознаат со културата на земјата, но и да го применат своето знаење низ практична работа.

„Првата недела престојувавме во Пекинг, каде имавме можност да се запознаеме со кинеската култура, јазик, калиграфија, уметност… Следната недела престојувавме во Шенжен, каде се наоѓа седиштето на Хуавеи. Таму, во универзитетот на Хуавеи, се запознавме со модерните трендови во ICT и имавме можност преку практична работа да го примениме стекнатото знаење. Имавме и дополнителни активности кои вклучуваа посета на познати знаменитости”, раскажува Коруноски за Радио МОФ.

Изборот на студенти беше направен од комисија составена од претставници од Министерството за информатичко општество и администрација и компанијата Хуавеи, на претходно објавен конкурс, појаснува Коруноски. Условите биле студентот да е со просек над 8.5, да има освоено 150 кредити, да се запишани по прв пат на студии после 2013 година и да не се постари од 30 години. 

За Коруноски и останатите ова било првпат да ја посетат Кина. Вели дека останале со прекрасни сеќавања.

… Таа е во подем на секое поле, со високо-развиена економија која се забележува во модерните делови, како што е Шенжен. Интересно беше тоа што повеќето уживаа во традиционалната кинеска храна, меѓу кои и јас”, вели тој.

Но, она што најмногу го воодушевило е тоа што работилниците биле опремени со секаков вид на опрема која им била на располагање за курсот кој го посетувале.

Дополнително, менторите помагаа во совладување на технологијата и беа достапни во текот на целиот ден”, забележува Коруноски.

Тој е задоволен и од односот што го добивале.

Покрај тоа што тие се професионалци во својата област, далеку пообучени од нас, не дозволуваа да се почувствува таа разлика. Дополнително, знаењето го пренесуваа со висока страст и беа на располагање за секого”, посочува тој.

Стекнатото искуство е бесценето, смета Коруноски.

Покрај добиените знаења за модерните трендови во ICT, посетата ни помогна да се запознаеме со култура која е дијаметрално различна од нашата па и на запад”, додава тој.

Но, за да ја има ваквата пракса и во домашни услови тој вели:

Очекувањата на компаниите се големи, а од друга страна младите сакаат работа со мала тежина и одговорности. Претпоставувам, надминувањето на оваа ситуација би значело да се даде можност на повеќето заинтересирани кандидати да ги покажат своите вештини, а од друга страна нивна посветеност и континуирано надоградување во работата”.

Според него, најважно е во иднина да се подобрат условите за студирање.

И покрај тоа што сме сведоци на најразлични инвестиции, сепак техничките науки имаат потреба од специфична опрема која е неопходна за совладување на различните концепти за кои се предава”, смета Коруноски, кој додаде дека не ја исклучува можноста да продолжи со своето дообучување во странство.

Емилија Петреска