Концерти на Џим Џармуш и Лиза Џерард во програмата на МКЦ за 2019 година

Младинскиот културен центар ја објави годишната програма за 2019, најавувајќи дека имаат потврдено гостувања на еминентни артисти и дека само во првиот квартал од годинава се планирани над 40 настапи на домашни и странски артисти.

„Само за овие два месеци од новата година имаме „да пукне” со канадскиот бенд Operators, Хрватите Nipple People, а фантастичните Tiger Lilies од Британија ќе ги имаме за затворањето на овогодишниот МОТ. Едно од најголемите имиња што успеавме да ги обезбедиме за 2019 година е Lisa Gerrard, едната половина од епското дуо Dead Can Dance, која ќе ни гостува во рамки на нејзината турнеја со бугарскиот хор Le Mystère des Voix Bulgares“, соопштија од МКЦ.

Од МКЦ најавуваат и дека овие денови ќе бидат домаќини на резиденција на која учествуваат десетина млади уметници (музичари и визуелни уметници) од Франција, Белгија, Словенија и Македонија. Станува збор за проектот CONFRONT, каде што МКЦ е партнер во проектот заедно со Le Grand Mix (Франција), 4AD (Белгија), Pot Miru (Словенија). На 5 резиденции организирани во овие држави се креира музичко/визуелно дело, кое кон крајот на годината ќе се презентира во рамки на европска турнеја. Учесници од Македонија се младата гитаристка Јоана Ристеска, тапанарката Мартина Баракоска (од бендот Дупер), а како креативен директор (избран од 4 предложени кандидати од сите 4 партнери) е избран Саша Павловиќ (SunS, екс Бернајс Пропаганда, Демек…).

МКЦ е дел од уште два европски проекти, театарскиот проект CHORUS во соработка со пет реномирани театари од Европа, меѓу кои и Upstart theater од Лондон, PATHOS од Берлин и Theater am Lend од Австрија. Целта на проектот е продукција на заедничка театарска претстава, која ги истражува новите современи облици на театарскиот израз.

МКЦ е дел и од повеќегодишноот проект CREART како партнер на Град Скопје во извршната реализација на проектот што вклучува повеќе од 200 артисти и над 30 куратори во мрежата на градови здружени во различни активности со цел културно и уметничко издигнување на општеството.

Во текот на оваа седмица од МКЦ најавуваат дека ќе го објават повикот за новиот проект „Сирова Култура“ што ќе започне оваа година. Идејата зад проектот е четири пати во годината на младите независни и неафирмирани артисти да им се даде простор и време да го претстават она што го создаваат. Овој проект ќе биде наменет за артистите што создаваат авторска музика, создаваат уникатни уметнички дела, театар, пишуваат проза/поезија или драми.

„Во однос на МОТ 2019 ја најавуваме повторно биеналната македонската театарска берза, маркетот на македонски театарски продукции што влегуваат во специјална селекција да бидат презентирани пред странски директори на фестивали и театри, со надеж дека истите ќе бидат селектирани да бидат дел од нивната програма, а со тоа и наш извозен културен продукт. Во рамките на ревијалниот програмски дел – затвораме со концерт на легендарната британска трупа Tiger Lilies, а чест ни е да го најавиме повторно со својата последна театарска продукција и словенечкиот режисер Томи Јанежиќ во изведба на ансамблот на Словенско младинско гледалишче, но и уште петнаесетина странски театарски продукции со кои сме во завршни преговори“, велат од МКЦ.

За Фестивалот на европски филм CINEDAYS за 2019 година плановите на МКЦ се поголем состав на жирито, повеќе етаблирани имиња, уште поцврста програма, активности вон фестивалските дати и надвор од главниот град – дисперзија на програмата во неразвиените општини, филмска едукација за најмладите, како и соработка со регионалните фестивали за воспоставување на „Video On Demand“ платформа за прикажување на филмските наслови и постфестивалските прикажувања“

„Во план имаме и бројни останати активности, кои би значеле уште поголем и поширок развој на фестивалот, воведување на две нови награди – награда за најдобра музика на филм, со оглед на тоа дека во рамките на програмата голем дел посветуваме и на музичката програма и на музичките документарни филмови, но и награда за најдобра маркетинг кампања на филм, која планираме да ја реализираме во потесна соработка со домашна маркетинг агенција. Во план е гостување на големо име од филмската индустрија, кое е сѐ уште во најава – Џим Џармуш, но не во својство на гостин на фестивалот, туку како музичар, кој би настапил со свој концерт“, велат од МКЦ.

Од капиталните инвестиции на МКЦ за оваа година планирани се корекција на акустиката на концертната (денсинг) сала, изградба на монтажна летна сцена и промоција на паркот зад МКЦ во простор во кој ќе се случуваат културни настани, реновирање на платото пред МКЦ и отворање на Младински тренинг центар, каде што младите ќе можат бесплатно да добијат обука за работа, а потоа својот потенцијал да го искористат како дел од тимот на МКЦ.

„Можеби е нескромно ние да го правиме ова, но во ек на тектонски поместувања во сферата на културата, сметаме дека е важно континуирано да се потсетува на важноста на зачувување на она малку култура што остана необлепена со стиропор. Дотолку повеќе кога станува збор за јавна установа, или репрезент за културата на еден град, каква што е МКЦ. Она што е неизбежно да се нагласи кога се зборува за МКЦ е тоа дека оваа јавна установа отсекогаш била дом за прогресивни идеи и културни дејци, дека речиси половина век успевала да пркоси на секој бран на шунд и кич и можеби најважно, дека дури и во најмрачните денови за културата и уметноста, МКЦ беше единствениот вентил на слободата во оваа земја. МКЦ сме сите ние, и МКЦ треба да остане во рацете на грст професионалци, кои беа и се  доследни на своите неприкосновени идеи за креирање на сеопфатни културни политики и продукција на содржини, со цел зачувување на и онака кревкото културно јадро на нашата држава“, заклучуваат од МКЦ.

На пресконференцијата беше соопштено дека во 2018 година организирале над 300 настани, со преку 200 илјади посетители.