Концерт „Романса“ на Филхармонија со корејската виолинистка Сојанг Јун

„Романса“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Филхармонијата, кој ќе се одржи в четврток, на 18 април, со почеток во 20 часот.

Како солистка ќе се претстави врвната виолинистка од Кореја, Сојанг Јун, која ќе го изведе „Концерт за виолина и оркестар“ од Јоханес Брамс. Сојанг Јун, добитничка на престижни награди, која се смета за една од најдобрите виолинистки на новата генерација, за прв пат доаѓа во Скопје.

Диригент на концертот е Михал Нестерович од Полска, а оваа вечер ќе биде изведена и Петта симфонија од англискиот композитор Ралф Вон Вилијамс, која ќе ја доживее македонската премиера.

„Изведбите на виолинистката Сојанг Јун, која е една од водечките виолинисти и камерни музичари на својата генерација, се опишани од критиката како ‘високо дисциплинирани’ (‘Грамофон’), или ‘техничка совршеност која секогаш е во служба на музиката’ („Гардијан“). Сојанг Јун е добитничка на први награди на престижните натпревари ‘Јехуди Мењухин’ и ‘Хенрик Виењавски’, како и на сребрен медал на натпреварот во Индијанаполис“, стои меѓу другото во соопштението на Филхармонија за настанот.

Сојанг Јун живее во Базел и Сеул, а се образувала на Националниот универзитет за уметност во Сеул со Захар Брон, на Универзитетот за музика и танц во Келн и на Универзитетот за уметности во Цирих. Свири на виолина изработена од Џ. Б. Гвадањини во 1773 година, позната и како „Бикебург“.