Концерт на полскиот „Жешов Клезмер Бенд“ во Скопје

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија вечер концерт ќе одржи полскиот „Жешов Клезмер Бенд“. Претходно, денеска тие ќе настапат и во Аулата на Филолошкиот факултет при УКИМ во рамки на Денот на полскиот јазик и полската култура во Македонија.

Групата „Жешов Клезмер Бенд“ во состав Јацек Анишек – кларинет, Матеуш Хмиел – кларинет, саксофон, Дариуш Кот – хармоника, Војчех Јајуга – контрабас, Камил Шчиак – перкусионистички инструменти, Катажина Блат– вокал, е основана како дел од изложбата посветена на работата на Бруно Шулц во Галеријата на уметност во 2004 година во Жешов.

Бендот има одржано преку 300 концерти во Полска, Европа и на други континенти. Има учествувано на многу натпревари и фестивали. Песните што ги изведуваат музичарите се традиционални клезмерски мелодии на источно – европските Ашкенази, аранжирани на начин да содржат традиционални и современи елементи.