„Комунална“ со ГПС-систем ќе следи возила за отпад и колку се полни контејнерите

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје воведе ГПС-систем со којшто ќе врши надзор на движењето на сите специјални комунални возила за собирање и транспорт на отпадот.

Исто така, како што велат, со системот ќе се следи и моменталната состојба на капацитетот на контејнерите.

„Траекторијата на возилата, нивната моментална локација, брзината на движењето и потрошувачката на гориво се само дел од податоците што раководството на Претпријатието во секој момент ќе ги има на увид, преку употребата на ГПС-системот за надзор. Воедно, преку поставените сензори на контејнерите ќе се утврдува колкава е моменталната исполнетост на нивниот капацитет и дали има потреба од нивно празнење“, стои во соопштението на „Комунална хигиена“.

Според директорот на претпријатието, Абдусамед Шабани, очекуваат големи придобивки од воведувањето на овој систем за надзор на собирањето и транспортот на отпадот, најмногу преку увидот во движењето и локацијата на возилата, како и потрошувачката на горивото.

„Особено е значајна можноста сензорски да се утврди дали еден контејнер е целосно или делумно исполнет со отпад и во согласност со тоа да се испланираат активностите на екипите на Претпријатието“, соопштува Шабани.