Компаниите имаат слаб интерес за вработување на лица со посебни потреби

Мал е интересот кај компаниите за вработување на лица со посебни потреби и покрај финансиската поддршка од државата, велат од Стопанската комора и Полио Плус.

Оттаму информираат дека се уште најмногу инвалидизирани лица, преку 2.000, се ангажирани преку заштитните организации, а бројката во јавниот и приватниот сектор е значително помала.

„Лицата со хендикеп се уште најмногу се вработуваат во мануфактурните дејности и се на некој начин дискриминирани во однос на образованието. Сакаме да го зголемиме нивниот број во приватниот сектор, но фокусирани сме и на јавните институции. Притоа, сакаме да ја потенцираме и потребата од нивно квалитетно образование како клучна за достоинствено вработување“, истакна Томислав Ортаковски, програмски раководител во Полио Плус.

Тој нагласи дека веќе три години се изготвува нов закон кој ќе предвидува посебен фонд и контрола на трошењето на парите за лицата со хендикеп, овозможување соодветни сервиси и услуги за оваа категорија граѓани директно на работните места и квотен систем согласно кој на секој 35-ти вработен ќе се вработува по едно лице со хендикеп.

„Новиот закон се однесува пред се на човековите права на лицата со хендикеп, недискриминацијата и нивната еднаквост во општеството, отколку на медицинскиот пристап и на т.н. душебрижништво, сожалувањето на инвалидизираните лица“, истакна Ортаковски.

Јадранка Аризанковска од Стопанската комора потсети дека во соработка со Полио Плус, отворен е Центар за вработување лица со хендикеп. Целта е нивна подготовка со потребни знаења, вештини, образование и квалификации за целосна интеграција на пазарот на трудот, но и поддршка на компаниите за вклучување на лицата со хендикеп во нивните работни процеси и зголемување на свеста дека лицата со хендикеп еднакво придонесуваат во работните процеси како останатите вработени.

„Центарот има пет програми од кои особено битни се онаа за волонтирање на лицата со хендикеп во која, апелираме, приватниот сектор повеќе да се вклучи, како и бизнис програмата која предвидува поддршка за компаниите од аспект на нивна обука, советувања, како да ги подобрат условите и да ги направат посоодветни за лицата со хендикеп“, посочи Аризанковска.

Државата од 2000 година обезбедува финансиска поддршка за компаниите во вид на неповратна помош за вработување лица со хендикеп, техничка помош (софтвери, рампи,…), како и до 200 просечни плати за обезбедување опрема за инвалидизираните лица.