[Колумна] Од пасивен ученик во ученик што знае постојано да се самообразува

Нашето секојдневие по многу нешта може да е конфликтно. Можеби не фрустрираат брзите промени во дигиталниот свет? Фактите говорат дека за опфат на 50 милиони корисници со дадена услуга, потребно е се пократко време. 68 години биле потребни за да 50 милиони корисници имаат пристап до авионски услуги, 22 години за да се постигне бројката од ТВ гледачи, 3 години за да се има 50 милиони ФБ профили, и само 19 дена за да Pokemon Go го пробаат 50 милиони следбеници. Промените се случуваат сега, го немаме луксузот да чекаме и да видиме што ќе се случи, па да реагираме. Оваа реалност влијае и на семејната динамика, каде пак мошне често отворените и скриените конфликтите се јавуваат на теми кои се поврзани со успехот на детето на училиште. Зголемена е свесноста на родителите дека новото време бара и нови родителски вештини, особено во делот за надминување на конфликтите поврзани со учењето. Свесноста за тоа што влијае на училишниот успех, независно од интелектуалните вештини на детето, може да е основа за трансформирање на родителскиот стил и напуштање на видливите или невидливите агресивни (непродуктивни) размислувања и однесувања. Економистот и добитникот на Нобеловата награда Џејмс Хекман (2008) вели дека некогнитивните фактори како што се мотивацијата, способноста за управување со времето и саморегулацијата се од критична важност за понатамошниот успех во животот, вклучувајќи го и успехот на пазарот на трудот. Во суштина, родителите имаат значајна улога во помагањето на учениците да преминат од состојбата на пасивни приматели на академскиот материјал во состојба на активни ученици. Секој може да управува со својот обем на работа, да го процени својот напредок и достигнатиот статус, да истрае при извршување на тешки задачи, како и да развива сигурни стратегии за совладување на сѐ посложени академски материјали во текот на доживотното образование. Доминантното мислење дека вештините за решавање напроблеми, поставување прашања, разгледување на можности и планирање се единствено потребни, се проширува со други вештини и други ресурси кои можат да се поддржат и поттикнуваат кај децата, но и кај возрасните.

Кратки појаснувања на петте генерални категории на некогнитивни фактори кои влијаат за подобрување на училишниот успех:

1.Академските однесувања се оние однесувања кои обично се поврзуваат со тоа што значи да се биде „добар ученик.“ Тука се вклучуваат редовно присуство на час, доаѓање подготвен за работа (со потребните прибори и материјали), внимавање на час, учествување во наставните активности и дискусиите на час и посветување на дел од времето надвор од училиштето за учење и завршување на домашните задачи.

Родителите треба да обезбедат поддршка за почитување на правилата, разбирање на придобивките од правилата и воспоставува соработка со различни од себе. Поттикнување детето да влегува во чевлите на другиот, исто така овозможува согледување на различни гледишта и разбирање на задачите и барањата за исполнителност.

2.Академската упорност ја претставува разликата помеѓу вложување на најмал можен напор за да се положи одреден предмет и вложувањето на повеќе време за навистина да се совлада материјалот по предметот и да се постигне поголем напредок. За да се истрае академски, потребно е учениците да бидат сосредоточени на целите и покрај пречките (жилавост, односно истрајност) и да ги занемарат работите што го одвлекуваат вниманието односно искушенијата, и да дадат поголем приоритет на повисоки цели отколку на пониски задоволства (одложена награда, самодисциплина, самоконтрола). Академски упорен ученик би се однесувал ангажирано, насочено и истрајно во постигнувањето на своите академски цели, и покрај пречките, застоите и одвлекувањата на вниманието.

Потребно е воспоставување на јасни правила и структурира на времето, што не подразбира игнорирање на потребите за интимност и спонтаност кај детето. Напротив во временската рамка треба да се одвои простор за  блискост, енергизирање и спонатност. Капацитетите за упорностсе развиваат доколку се постават соодветни и посакувани цели од страна на детето. Ништо не мотивира повеќе од поскаувана цел, чие што исполнување носи и ја засилува внатрешната мотивација дека – јас можам и умеам да истраам. Доследноста во барањата за постигнување на целта се усогласува со  потребите и состојбите на детето, но пред сѐ целта мора да е важна за самото дете.

3.Академските начини на размислување се психосоцијалните ставови односно верувања за себеси во однос на академската работа. Позитивните академски начини на размислување ги мотивираат учениците да истраат во училишната работа (т.е. тие поттикнуваат академска упорност), која се манифестира преку подобри академски однесување, што пак доведува до подобрување на постигнувањата.

  • Јас припаѓам во оваа академска заедница – чувство на припадност во училиште односно училница ги подобруваат академските постигнувања на учениците.
  • Моите способности и компетенции растат колку повеќе се трудам – тие не се фиксирани на одредено ниво и надвор од контролата на самиот ученик.
  • Јас можам да успеам во ова – верувањата за сопствената ефикасност се позитивно поврзани со тоа колку долго ќе се истрае во извршувањето на дадена задача, како и со веројатноста да се дочекаат на нозе кога ќе се соочат со тешкотии (Пајарес, 1996).
  • Оваа работа има вредност за мене – вредноста може да се дефинира на најразлични начин односно колку е важно одредена задача да се изработи добро.

Родителите слободно можат да изразат гордеење и пофалби за академските постапки и успеси на своето дете. Така нема да го размазат, тука напротив, ќе изразат позитивна грижа и верувања дека  се почитуваат и ценат индивидуалните разлики во вложувањата за развивање на компетенции, ставови и вештини.Негувачки родител се гордее со направените избори коишто го потврдуваат вредносен систем дека е добро да се припадне на дадена академска заедница.

4.Стратегиите за учење се процеси и тактики кои се применуваат за поттикнување на когнитивниот процес на размислување, помнење односно учење. Тука се вклучуваат стратегии кои помагаат при помнење на факти (на пример: мнемонички техники); стратегии за следење на сопственото разбирање (како на пример при читање односно решавање на математички проблеми); и стратегии за коригирање на сопствената работа доколку се наиде на конфузија односно грешки во размислувањето. Стратегиите за учење може исто така да вклучуваат и поставување на цели и управување со времето, кои им помагаат на учениците да управуваат со процесот на учење. Родителите може да разговараат со децата за тоа како учат и како се менува овој процес. Додека се бараат решенија за секојдневни и училишни проблеми – преку прашања, увид во последиците на различните можности, со размислување надвор од кутија, планирање, одлучување….забавување…. посакување… свесноста за фазите ќе овозможи знаење за себе, користење и барање различни техники за подобро совладување на материјалот, односно подобро управување со напредувањето. За да овој процес има применливост сегa и овде и во иднина, важна е креативноста изразена преку ставот дека нема лоша идеја, секоја идеја е добредојдена. Сопственоста врз визијата „кај сакам да сум“ ќе овозможи и поголема асертивност во барањето начини за реализација.

5.Социјалните вештини опфаќаат соработка, изјаснување, одговорност, емпатија и самоконтрола (Малецки и Елиот, 2002). Литературата наведува пет „основни компетенции за социјално – емоционално учење“ – самоуправување, самосвесност, социјална свест, вештини за односи и одговорно одлучување. Истражување од 2011 во основа на социјалните вештини ги идентификува, препознавањето на емоциите, управувањето со стресот, развивање на емпатијата, решавање проблеми и вештини за одлучување. Верувањето на детето дека јас сум ОК и другите се фер и разумни, овозможува градење на позитивна слика за себе и спремност на рамноправна основа да се влезе во интеракција со другите и со различните од себе. Свесноста на родителот дека во текот на неделата самиот тој може да зазема една од помалку посакуваните позиции: јас сум ОК – другите не, јас сум не ОК – другите се ОК, или пак ниту јас ниту другите се ОК, ги зголемува неговите знаења за интеракцијата помеѓу луѓето, дека понекогаш реагираме на нелогичен начин, затоа што се користи застарена рамка за поглед кон светот. Сепак во ситуации на стрес и барање чаре, доколку на конфликтите се гледа како на можности за придобивки и напредување за двете страни, асертивноста ќе е втемелена на реалност со карактеристики од двете страни. Правилата се насоки кои се почитуваат, а стилот на комуникација е развоен и целисходен, истражувачки, одлучувачки, олеснувачки и асертивен. Така детето развива вештините за решавање на проблеми преку грижа за сопствените потреби без да се загрозат туѓите.

За сè е потребно соодветно време. Креирајте го. Денот има 24 часа, и денес и во иднина – без оглед на иновациите и дигиталните промени, а иста константа ќе има и желбата за убава иднина за вашето дете. Затоа во интеракција со децата направете рамнотежа помеѓу задачите и процесите што се случуваат во секој од вас при процесот на учење.

Доколку ве мачи некоја нова дигитална вештина, или пак од вас се бара нова социјална улога, осознајте ги соспствените ресурси и изградете си поддршка преку петте генерални категории на некогнитивни фактори за подобрување на училишниот успех. И, разговарајте со вашето дете за тоа.

Зорица Арсовска Серафимовска, лиценциран психолог при Комора на психолози на Р.Македонија, Македонската асоцијација за трансакциска анализа – МАТА

Надица Костоска, психолог, Македонската асоцијација за трансакциска анализа – МАТА