Колку повеќе трупаме отпад во природата, толку повеќе се оддалечуваме од ЕУ [Инфографик]

Наместо да се приближува кон европските стандарди, С. Македонија од година во година сѐ повеќе заостанува зад земјите-членки на ЕУ во делот на управувањето со отпадот, пишува Мета.мк. Статистичките податоци покажуваат дека македонските граѓани и компании во континуитет го зголемуваат обемот на создаден комунален отпад, со којшто пак несоодветно се постапува од моментот кога ќе биде фрлено ѓубрето. Наместо да се реупотребат или селектираат, отпадоците завршуваат во природата, во нестандардните општински депонии кои во земјава не ги задоволуваат европските критериуми за депонирање на отпадот, или пак, на дивите депонии крај реките, непосредно до засадените земјоделски посеви, во ближниот парк, во доловите на планините. Едноставно речено, секој фрла ѓубре кај што ќе стигне.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека количеството на создаден комунален отпад по жител незапирливо расте низ годините. Доколку во 2010 година еден жител на земјава во просек создавал по 351 килограми комунален отпад на годишно ниво, лани оваа бројка се искачила на 452 килограми создаден отпад по домаќинство. Преведено во тони, ова се десетици, а споредено со некои години, и стотици илјади тони повеќе создаден комунален отпад во земјава. Наспроти ова, процентот на неселектиран, измешан комунален отпад што е собран низ годините постојано се движи над 80 отсто од вкупното количество на собрано ѓубре низ општините.

Овие податоци практично значат дека со текот на годините состојбата со управувањето на отпадот во С. Македонија се влошува, бидејќи зголеменото количество на создаден и собран комунален отпад не доведува и до зголемен процент на реупотреба на отпадот, која што треба да започне од неговата селекција, и потоа, да продолжи со негово рециклирање, компостирање или инсинерација (согорување).

„Може да се заклучи дека процесот на селекција на отпадот е скапа работа која бара финансиски средства“, констатираат од АДКОМ, Здружението на даватели на комунални услуги, во кое членуваат јавните комунални претпријатија од целата земја.

Објаснето во бројки, од АДКОМ за „Мета.мк“ тврдат дека на секој од македонските региони би му биле потребни над 30 милиони евра за да изгради современа депонија за одлагање на отпадот, набавка на нови специјализирани комунални возила и различни садови за селекција на отпадот. Во оваа пресметка не влегуваат и натамошните трошоци што ќе се појават кај јавните комунални претпријатија, како што се трошоците за гориво за повеќе камиони кои треба да соберат различен селектиран отпад, дополнителниот број на вработени што ќе бидат потребни за функционирање, неопходната опрема за механички-биолошки третман на отпадот и други ставки за кои се потребни средства.

Мерки со кои може да се зголеми процентот на селектиран отпад

Од АДКОМ потсетуваат дека во некои општини висината на сметките за одлагање на отпадот за граѓаните и компаниите не се зголемени повеќе од 15 години. Или поедноставено кажано, селекцијата на отпадот ќе треба некој да ја плати, а правилата на развиените земји е да плаќа оној што го создава ѓубрето.

„Изворите за финансирање на процесите на селекција на отпадот треба да се бараат во фондовите на ЕУ каде има добри позитивни искуства“, потенцираат од АДКОМ, додавајќи дека сепак државата исто така треба да се вклучи со дополнително обезбедување на средства.

Од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ потенцираат дека во Македонија мора да се воспостави одржлив финансиски модел, како би се надминала постојната состојба во која процентот на селекција на отпадот зависи од моменталните берзански цени на отпадните материјали.

„Управувањето со отпадот да биде граѓанска и институционална одговорност со цел заштита на животната средина без разлика дали во моментот се исплати или не“, велат од „Гоу Грин“.

Тие презентираат конкретни мерки што треба да се преземат, почнувајќи од тоа неформалните собирачи на отпад, кои во моментов се субјекти кои селектираат најголеми количества на фрленото ѓубре, да постанат дел од организираниот систем на собирање на отпадот. „Гоу Грин“ успеале да издејствуваат досега да се регистрира ново занимавање во земјава – собирач и постапувач на отпад, да се изготви образовна програма, која била одобрена и првпат спроведена од Центарот за образование на возрасни. Сепак, неопходно е овие луѓе да се вработат по примерот на развиените земји или во јавните комунални претпријатија или во приватни компании кои ќе изградат јавно-приватно партнерство со општините.

„Според анализи и податоци кои ни се достапни, 80 отсто од собраниот отпад од пакување е собран од неформалниот сектор. Пластичниот отпад кој завршил кај рециклаторите е дури 90 отсто од неформалниот сектор“, информираат тие.

Втората конкретна мерка на која властите ќе мора да поработат е зголемувањето на сметките за одлагање на комуналниот отпад или пак формирање на државен зелен фонд, кој би се полнел со средства што би ги уплаќале производителите на отпадот, а потоа финансиите би им се префрлале на општините или компаниите кои се занимаваат со собирање на отпадот, велат од „Гоу Грин“.

Што се однесува до компаниите, од „Гоу Грин“ појаснуваат дека треба да се прави разлика од краен поседувач – рециклатор и собирач – транспортер на отпад.

„Компаниите што го собираат отпадот се оние на кои им е потребна субвенција, бидејки кога станува збор за пластика или хартија, цената на отпадот што треба да се подигне од некоја локација има многу помала вредност од евентуалниот трошок што ќе се направи за негово подигање“, велат од „Гоу Грин“, дополнувајќи дека треба да се интервенира во висината на надоместокот што го добиваат ваквите компании.

Имаме и позитивни примери за селекција на отпадот

Здружението „Гоу Грин“, во рамките на проектот „Растеме заедно“, со поддршка од македонската влада, веќе работи на проектот за примарна селекција на отпадот во 50 станбени згради, во кои се поставени канти за селектирање на пластика и хартија, во чие собирање се вклучени неформалните собирачи на отпад. Охрабрени од позитивните реакции од граѓаните од ваквиот проект, „Гоу Грин“, во соработка со новоформирано социјално претпријатие што се занимава со собирање на отпад, работат на нов проект за селекција на отпадот.

„Во прва фаза ќе бидат опфатени 400 станбени згради или 15.000 домаќинства, сервисирани од најмалку пет дотогаш неформални собирачи. Во наредните шест месеци се планира бројот на згради да расте, а исто се планира и со бројот на ангажирани лица. Лицата ќе бидат со помината обука спроведена од „Гоу Грин“, со издаден сертификат и ангажирани со полно работно време, здравствено и пензиско осигурување“, го објаснуваат тие придонесот што ќе го даде нивното здружение во процесот на формализирање на собирачите на отпад и на неговата селекција.

Уште еден позитивен пример е Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), која лани во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) постана партнер во имплементација на регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“. Од нашата земја, во проектот се вклучени општините Гевгелија, Битола, Илинден, Тетово, Штип и Градот Скопје, кои добија соодветна инфраструктура (контејнери за рециклажа на стакло) што се поставени во овие населени места.

Освен создавање на соодветна инфраструктура, со овој проект ќе се мери количината на собраното стакло во овие општини, односно таа треба да биде зголемена за 20 отсто од досегашните количини, за што ќе се спроведе медиумска кампања кон подигање на свеста на граѓаните.

„Целта на проектот е и да се развијат соодветни бизнис модели што ќе бидат применливи и во останатите единици на локалната самоуправа, односно ќе бидат развиени три бизнис модели за општините (урбан, рурален и ХОРЕКА) што во следниот период ќе послужат како урнек за применување на соодветен процес за успешно управување со отпад од стакло“, објаснуваат за „Мета.мк“ од ЗЕЛС.

На ниво на општини, прилепската локална самоуправа со години наназад е првенец во однос на селекцијата на комуналниот отпад. Од вкупно 28.000 до 31.000 тони отпад што се создаваат во текот на една година во Прилеп, Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ годишно успева да селектира и продаде меѓу 1.200 и 13.000 тони селектирани отпадни материјали.

Казни, казни, казни…

Проектите на невладиниот сектор, дел од компаниите кои се совесни кон постапувањето со нивниот отпад и поединечни општини кои развиле свест за неговата селекција, не значи дека земјава само со нив ќе може да го реши проблемот со управување на отпадот. По минатогодишните критики на Европската Комисија во Извештајот за напредокот на земјава во 2020 година, македонската влада во ноември лани ги достави до Собранието на РСМ текстовите на новиот сет од шест закони поврзани со управување на отпадот. Случајно или не, донесувањето на овие закони од страна на пратениците е блокирано веќе неколку месеци, за што деновиве реагираа и од Стопанската комора на РСМ.

Селекцијата и третманот на отпадот во моментов е регулирана материја со закони донесени во 2010 и 2011 година. Од Стопанската комора се пожалија дека компаниите-производители кои пуштаат над 38 отсто од вкупниот отпад од пакување на македонскиот пазар не плаќаат и не финансираат ниту еден систем за селекција и за рециклирање, односно трошоци за отпад имаат единствено компаниите кои пуштаат 60 отсто од отпадот и уредно плаќаат за неговата селекција и рециклирање.

„Неносењето на новите закони и оцената за работењето на колективните постапувачи според старите може да значи значителен финансиски товар за нас, но и за индустријата, пред сѐ, за производителите на храна и на пијалаци, кои преку колективните постапувачи ќе треба да ги платат неправедните и неоправдани финансиски мерки. На овој начин, директно или индиректно, ќе се казнат околу 1.500 компании кои повеќе од 10 години ги почитуваат законите за управување со отпад“, истакна претседателот на Асоцијацијата на посебни текови на отпад при Стопанска комора, Филип Ивановски.

Оттаму предупредуваат дека постојните закони донесени пред 10-тина години немаат предвидено проекции за периодот 2021-2030 година, а тоа значи дека оваа година не постои никаква обврзувачка регулатива за компаниите, што може да влијае врз намалување на активностите за селекција и рециклирање на отпадот. Тие се жалат на нееднаков третман на сите компании и на можни финансиски мерки што ќе треба да ги платат колективните постапувачи со отпад. Рециклаторите пак се жалат дека недостигаат строги казни и постојани предупредувања како би се зголемила свесноста кај компаниите и граѓаните кои не го селектираат отпадот.

Од компанијата АКРОН ДОО, која што се занимава со третман на отпадно стакло во земјава, за „Мета.мк“ велат дека во земјава има 30-тина поголеми и помали фирми кои редовно го двојат стаклото од другиот отпад и истите количества се вклучени во нивниот процес на рециклажа. Сепак, постојат компании кои увезуваат барем 1.000 тони рамно стакло годишно, од кои создаваат минимум 100 тона отпадно стакло, а кои не посветуваат минимум внимание за да создадат услови за селекција на отпадот.

„Потребно е да се спроведува постоечката законска регулатива која вели дека отпадно стакло не смеете да фрлате во контејнери со комунален отпад, и дека секако не смеете да ги фрлате во нива, канал, дол… односно каква било дива депонија. И покрај тоа, има големи фирми кои работат со стотици, па и илјада тони годишно рамно стакло, кои не го депонираат своето отпадно стакло за рециклажа“, се жалат од рециклаторот АКРОН ДОО.

Тие го повикуваат Државниот инспекторат за животна средина да ги посети ваквите компании, и за почеток, барем да ги опоменат дека треба да го селектираат создадениот отпад, а потоа и да се казнува.

За бројните проблеми со кои се соочува целокупниот процес на селекција на отпадот во земјава одговори на прашања, во три наврати, во рамки на целиот изминат месец, „Мета.мк“ побара од Министерството за животна средина и просторно планирање, но и покрај ветувањето дека ќе ни ги одговорат прашањата, до пишувањето на овој текст не ни беа доставени одговорите.

ЕУ е далеку од нас во селекцијата и третманот на отпадот

Кога проблемите со управувањето на отпадот се ставаат под тепих, а во реалноста количествата на создаден отпад во земјава низ годините постојано расте, тогаш европските стандарди за селекција и третман на отпадот постануваат сѐ подалечни, на моменти, создаваат и впечаток дека С. Македонија никогаш нема да може да ги достигне ваквите стандарди.

Според податоците на Евростат, во 2019 година во земјите-членки на ЕУ во просек биле создадени 502 килограми комунален отпад по жител на годишно ниво. И покрај тоа што Европјаните создаваат повеќе отпад од нашите граѓани, европските општества успеваат дури 48 отсто од комуналниот отпад да го рециклираат или компостираат. Она што е најважно, регионалните депонии за управување со отпад се градат по сѐ построги стандарди, кои не дозволуваат депонираниот отпад да ја загадува животната средина.

Во депониите во земјите-членки на ЕУ во 1995 година биле одведени 121 милиони тони комунален отпад, додека во 2018 година оваа бројка на одложено ѓубре на ваквите локации се намалила на 54 милиони тони. Наспроти ова, количеството на органски отпад што ја поминал постапката за компостирање се зголемил од 14 на 39 милиони тони комунален отпад годишно во 2018 година. За период од две и пол децении, количеството на рециклиран отпад во ЕУ пораснало од 23 на 68 милиони тони комунален отпад годишно. Инсинерацијата, односно согорувањето на отпадот, е зголемена од 30 на 60 милиони тони годишно во сите земји-членки на ЕУ.

Поаѓајќи од ваквиот позитивен развој на управувањето со отпадот во земјите-членки на ЕУ, којшто се одвива и под постојаните притисоци на невладиниот сектор, граѓанските иницијативи и други општествени чинители, европските институции низ годините поставуваат сѐ построги критериуми, кои си ги задаваат дека ќе ги постигнат пред себе, но и ваквите критериуми ги поставуваат пред самите кандидати за членство во ЕУ, како што е случајот со земјава. Токму затоа, секоја година во која македонското општество не презема доволно чекори за значајно да го зголеми процентот на селектиран отпад кој ќе биде предмет на натамошен третман, не значи дека С. Македонија „тапка во место“, туку дека забрзано се оддалечува од стандардите на Европската Унија.

Бојан Блажевски за Мета.мк