Колдплеј нема да прави турнеја за новиот албум поради лошото еколошкото влијание на концертите

Групата Колдплеј ги ставила на пауза плановите за турнеја за новиот албум поради загриженост за еколошкото влијание на концертите.

„Нема да правиме турнеја за албумот. Ќе паузираме следната година, или две, за да работиме на начин како нашите турнеи би биле, не само одржливи, туку и активно да придонесуваат (за животната средина)“, изјавил фронтменот на групата, Крис Мартинза Би-Би-Си.

Британскиот бенд во моментов се во Аман, главниот град на Јордан, каде одржуваат два концерти кои ќе бидат стримани во живо на Јутјуб. Концертите ќе се одржат на изгрејсонце и зајдисонце, со што ќе се отсликаат двете половини од нивниот нов албум „Everyday Life“.

Колдплеј последен пат беа на светска турнеја во 2016 и 2017 година, кога одржаа 122 концерти во четири континенти.

„Нашата следна турнеја ќе биде еколошки најдобра можна верзија на таа турнеја. Ќе бидеме разочарани доколку турнејата не биде јаглерод-неутрална. Најтешката работа е летањето. Но, на пример, нашиот сон е да имаме концерт каде нема воопшто да се употреби пластика и напојувањето да биде на соларна енергија“, додава Мартин.

Колдплеј ќе одржи и еден концерт во Природноисторискиот музеј во Лондон на 25 ноември, од кој сите приходи ќе бидат доделени на еколошка добротворна организација.