„Кој се плаши од модернизмот?“ – предавање и дискусија со архитектот Лукаш Галусек

Познатиот полски архитект и еден од најдобрите познавачи на современата архитектура во Централна и Источна Европа, Лукаш Галусек, утре (10 декември) во клубот ГЕМ, ќе одржи предавање „Кој се плаши од модернизмот?“. Настанот чиј почеток е најавен во 19 часот ќе продолжи со јавна дискусија.

“…Со модернизамот имаме проблем. Повоената архитектура се поврзува со еден неправеден систем. Ѝ ги лепиме етикетите на тоталитаризмот и просечноста. Преокупирани со други работи, по 1989 година нѝ исчезна од видното поле. Постоеше, но за нас беше невидлива. Се радувавме кога почна да исчезнува. Денес размислуваме дали не ја оценивме премногу сурово. Учиме за неа од почеток. Соцмодернизмот на некој начин стана модерен. Дискусијата трае и буди емоции. Нашите дилеми за повоената архитектура ќе ги илустрираме со примерите на Катовице и Горна Шлезија….“, стои во поканата за предавањето.

Лукаш Галусек е архитект и издавач кој се занимава со културата и уметноста на Средна Европа, особено со врските меѓу просторот, сеќавањето и идентитетот.  Работи во Меѓународниот културен центар во Краков. Тој има пишувано и за архитектурата на Скопје, неговиот модернизам и најновите зафати во градот.