Кои се најскапите и најевтините градови за живот во 2019?

Париз ја доби титулата за најскап град во светот и заедно со Хонг Конг се приклучија на минатогодишниот шампион Сингапур на делба на првото место според истражувањето за трошоците за живот која ја изработува Економист.

Тоа што главниот град на Франција се најде на врвот на рангирањето не е изненадувачки за Роксана Славчева, авторка на истражувањето, која за Еуроњуз изјавила дека Париз од 2003 година се наоѓа меѓу десетте најскапи градови на светот.

Истражувањето ги споредува просечните трошоци за повеќе од 160 различни производи, од храна и хигиенски средства, до облека, транспорт, режимски трошоци и домувањето во вкупно 133 градови од 93 земји во светот.

Меѓу првите десет најскапи градови на светот се наоѓаат уште Цирих, Женева, Осака, Сеул, Копенхаген, Њујорк и Тел Авив и Лос Анџелес, кои го делат 10-тото место.

Десетте најевтини градови за живот во светот се Каракас во Венецуела, Дамаск во Сирија, Ташкент од Узбекистан, Алмати од Казахстан, Карачи во Пакистан, Лагос од Нигерија, Буенос Аирес во Аргентина и Бангалор, Ченаи и Њу Делхи од Индија.

ФОТО: Worldwide Cost of Living 2019 / The Economist Intelligence Unit

Софија е меѓу градовите каде трошоците најмногу пораснале изминатата година, со скок од дури 29 места на листата. Во оваа категорија, на градови со најголем скок на рангирањето се најдоа и Нумеа, Казабланка, Мускат, Абу Даби, Најроби и Сан Француско.

Слабата валута предизвика Истанбул да има еден од најголемите падови на листата, од дури 46 места во споредба со минатата година. Меѓу градовите каде дошол до најголем пад на трошоците за живот, во споредба со останатите градови, се и Буенос Аирес, Сао Пауло и Рио де Жанеиро, како и Стокхолм и Аделаида. Москва забележила пад од 16 позиции, додека Санкт Петербург назадуваше за 14 места.

Лондон и Манчестер, двата британски града вклучени во истражувањето, имаат драстичен пад на листата по 2017 година и референдумот за „Брегзит“. Според Славчева, градовите во Велика Британија стануваат сè поскапи за домашните потрошувачи, но истовремено стануваат поефтини за туристите поради ослабувањето на фунтата.