Книжевен разговор со бугарскиот писател Александар Шпатов

Издавачката куќа „Готен“ организира книжевен разговор со писателот од Бугарија, Александар Шпатов. Разговорот ќе се одржи на 10 јули со почеток во 20.00 часот во книжарницата „Антолог“ во Скопје. Водител на разговорот ќе биде Владимир Јанковски.

Александар Шпатов (33) е бугарски писател посветен главно на краткиот расказ. Автор е на четири збирки раскази: „#LiveFromSofia“ (2014, објавена и на англиски јазик), „Календар на приказни“ (2011), „Приказни во фуснота“ (2008, објавена и на германски јазик), „Фусноти“ (2005). Во 2015 година излегува збирката „Volume 2.0“, која е обновено реиздание на претходно наведените три збирки раскази. Добитник е на Националната награда за најдобра дебитантска проза (2005) и на Наградата за литература на Софија (2015).

Во овој момент, Шпатов е претседател на Здружението на градски читални од Софија. Има дипломирано на Факултетот за правни науки при Универзитетот во Софија, каде што е и докторанд по теорија на читање.

Разговорот со Александар Шпатов е дел од книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, програма која се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.