„Клетници“ на прилепскиот театар најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“

Претставата „Клетници“ на прилепскиот Народен театар е најдобрата претстава во целина на годинашниот 53. МТФ „Војдан Чернодрински“, одлучи тричленото жири составено од Мими Таневска-Србиновска, Јасна Новаков и Драган Спасов-Дац.

Претставата доби уште три награди – за главна женска улога која ја доби актерката Ангела Наумоска, за современа сценска драматизација за Горјан Милошевски и за најдобра музика што ја доби групата „Фолтин“.

Актерот Сашко Коцев ја доби наградата за главна машка улога во претставата „Ничија земја“ на МНТ од Скопје. Оваа претстава ја доби наградата и за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ која му се доделува на Горазд Цветковски и наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ што ја доби Александар Михајловски. Претставата доби и награда за најдобра сценографија која им се доделува на Валентин Светозарев и Никола Тороманов.

Претставата „Крал Лир“ на Турскиот театар ја понесе наградата за најдобра режија за режисерот Диего Де Бреа, како и специјалната награда за современски актерски израз и иновативен пристап кон светската класика. Актерката Ебру Мусли е добитник на наградата млад актер во истата претстава.

Актерката Наташа Петровиќ е добитник на наградата за женска епизодна улога во претставата „Еднаш свет изградив“ на Театарот за деца и млади од Скопје, додека наградата за костимографија им е доделена на Марија Папучевска и Бранкица Јордановска за костимите во претставата „Ужегнатост“ на независната продукција „Артопија“ од Скопје. Наградата за рекламен материјал ја доби Нгадњим Мехмети за изработениот рекламен материјал за претставата „Жените“ на Албанскиот театар од Скопје.

Соо изведба на претставата „Не сега драга“ на Театар комедија од Скопје, вечерва завршува 53.издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

МИА