Ќе се гради мал медицински град во Бардовци со студентски кампус

Новиот Клинички центар ќе се гради во Бардовци во близина на Психијатриската болница, во склоп на мал медицински град каде ќе се сместат и Медицинскиот факултет, истражувачки центар и кампус за студенти по медицина, информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Парцелата на која што ќе се гради новиот објект изнесува 84 хектари и е трипати поголема од местото каде што сега се наоѓа Клиничкиот центар. Првичните анализи покажуваат дека инвестицијата ќе чини 420 милиони евра, а изградбата ќе трае пет години.

„Очекуваме дека за две години, Општина Карпош и Градот Скопје ќе го подготват теренот за да се почне со изградба на габаритен објект кој би се градел околу пет години. Разгледувавме неколку локации кои се доволно големи, каде што освен зградата на Клинички центар ќе се сместат и Медицинскиот факултет, истражувачки центар и кампус за студентите по медицина. Сакаме да добиеме еден систем кој на некој начин ќе биде мал медицински град, ќе биде достапен лесно за граѓаните на Скопје и целата држава, со соодветни пристапни патишта“, изјави Филипче.

Ваквата одлука беше поздравена од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

„Како Асоцијација на архитекти на Македонија го изразуваме нашето задоволство што при донесувањето на ваквата одлука на Владата беа земени предвид и мислењата и сугестиите на стручната јавност. Се надеваме дека оваа соработка при носењето на важни одлуки за унапредување на урбаниот простор на Република Македонија ќе продолжи и во иднина“, соопштија до Асоцијацијата.