Ќе се доделуваат 50 стипендии за студенти од Балканот со македонско потекло и запишани на македонски универзитети

Владата на Република Северна Македонија на денешната 78-ма седница, донесе Одлука за доделување на вкупно 50 стипендии на странски државјани од интерес на Република Северна Македонија за студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот Полуостров.

За да ги користат стипендиите, тие ќе траба да се запишат како редовни студенти на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, на Универзитет „Мајка Тереза“ – Скопје и на Универзитетот во Тетово во студиската 2020/2021 година.

На оваа седница е донесена и Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година.

На предлог на Комисијата за заразни болести Владата го донесе Протоколот за прием на документација од студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување за студиската 2020/2021 година.

На истата седница е донесен и Протоколот за работа на кошаркарските клубови при Кошаркарската федерација на Северна Македонија за одржување тренинзи и натпревари без присуство на публика.