Поранешниот претседател на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Кирил Спироски, целосно ја отфрла информацијата дека до него има какво било барање за враќање на средства и барање за покритие за потрошени средства.
Тој упати демант до редакцијата на Радио МОФ за текстот „Кирил Спировски почнал да враќа дел од парите што ненаменски ги трошел Студентскиот парламент“, велејќи дека станува збор за невистини.
„Во вашиот текст изнесувате еден куп невистини и директно влијаете на нарушување на мојата чест и углед. Се чувствувам навреден и омаловажен. Во целост како невистина, ја отрфлувам информацијата дека на сметката на Студентскиот парламент на УКИМ во таа година легнале средства од Филозофскиот факултет при УКИМ по било каков основ. Исто така, остро ја дематирам и невистината дека до мене постои било какво барање за враќање на средства и барање за покритие за потрошени средства бидејќи поради горе кажаното нема никаков основ за такво нешто. Пред да пишувате ваква вест треба да проверите за кое лице се работи“, стои во демантот на Спироски.
Инаку, во текстот на Радио МОФ стои дека во текот на 2015 година Студентскиот парламент ненаменски трошел пари, а тоа го тврдат наодите на Државниот завод за ревизија на работата на Филозофскиот факултет. Извештајот покажува дека за дел од потрошените средства нема соодветна документација која докажува зошто и на кој начин биле трошени парите. Филозофскиот факултет, пак, информира дека тогашниот претседатал на Парламентот веќе започнал да враќа дел од парите.