Кино концерт на Европскиот креативен оркестар на ФАМЕ’С во Кинотека

Европскиот креативен оркестар при институтот ФАМЕ’С предводен од францускиот диригент Оливие Дежур, во четврток, на 9 февруари, ќе одржи кино концерт со почеток од 19 часот во Кинотеката на Македонија.

На репертоарот на концертот е проекција на немиот филм „Авантурите на Принц Ахмед“ кој се смета за првиот анимиран филм во историјата на филмската уметност и концертна изведба во живо на оригиналната филмска музика.

Филмот се заснова на приказни од популарното дело „Арапска ноќ“ и го следи патешествието на Принцот Ахмед.

Овој проект е дел од третиот семинар на институтот ФАМЕ’С, наменет за млади музичари од различни европски земји и од Македонија, во чии рамки овие млади луѓе имаат можност да се обучат и да го практикуваат и усовршат своето знаење во делот на оркестарското свирење и музицирање, да се запознаат со различни стилови во областа на симфониското музицирање, како и филмската и медиумската индустрија.

Како дел од проектот минатата година се одржаа неколку семинари, каде се работеше на класичната, филмска и хибридна музика, Carte Blanche како и мастерклас за студиско снимање.

Во нивни рамки се одржаа неколку концерти и тоа во Скопје, концертот во Филхармонија, раководен од Бенџамин Шварц.

Оркестарот на ФАМЕ’С Институтот во партнерство со Скопскиот Џез Фестивал, настапи на отворањето на минатогодинешното издание на фестивалот, заедно со музичката ѕвезда Роб Мазурек и неговиот Експлодинг стар оркестра. Мазурек беше дел и од вториот семинар со Carte Blanche мастерклас.