Кинескиот парламент го усвои спорниот Закон за национална безбедност за Хонг Конг

Кинескиот парламент речиси едногласно го усвои спорниот Закон за национална безбедност за Хонг Конг како одговор на минатогодишните протести, пренесува „Н1“. Речиси 3.000 пратеници гласаа за законот кој предизвика реакции на САД.

Американските власти вчера соопштија дека Хонг Конг веќе ја нема автономијата која ја ветија централните кинески власти, со што се отвора патот САД да го укине преференцијалниот трговски и финансиски статус на поранешната британска колонија, која го имаше откако е вратена под раководство на Кина во 1997 година.

САД побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите Нации поради законот.

Поради процедурите воведени за време на пандемијата со коронавирусот, сите видео состаноци на Советот за безбедност на ООН се организираат врз основа на консензус на 15 членки. Пред пандемијата, секоја членка на Советот за безбедност можеше да се противи на одржување состанок ако собере девет од вкупно 15 гласови.

„САД се длабоко загрижени од акциите на кинескиот парламент кој суштински го подриваат високиот степен на автономија и слобода утврдени со британско-кинеската декларација од 1984 година. ООН таквата декларација ја регистрираа како договор“, наведуваат од американската мисија при ООН.

Оттаму додаваат дека во прашање е „итен светски проблем“ кој може да влијае на „меѓународниот мир и безбедноста“.

Меѓутоа, Кина одбива да се одржи тој виртуелен состанок, наведе мисијата на САД која го критикуваше „недостатокот на меѓународна транспарентност и одговорност“ по тоа прашање. Кинеската мисија при ООН не го коментираше американското барање за одржување состанок.

Предлог-законот претходно предизвика протести во Хонг Конг, а демонстрантите велат дека со законот, Пекинг сака на полу-автономниот кинески регион да му наметне контроверзен закон за национална безбедност.

Протести во Хонг Конг против законот за национална безбедност