Кинескиот дисидент Чјин Јонгмин осуден на 13 години затвор поради залагање за демократска транзиција

Долгогодишниот кинески дисидент Чјин Јонгмин е прогласен за виновен за субверзија кон државата и осуден на 13 години затвор, во судење кое активистите го опишуваат како монтиран процес.

64-годишниот Чјин е поранешен работник во железара, кој уште од 1970-тите години е активист за демократија. За време на неговото судење во мај, му се слошило, но и покрај тоа бил донесен на судењето од службите и бил придржуван да стои исправено. Според неговите адвокати, Чјин не бил свесен кога обвинителот го читал обвинението против него.

„Апсурдно е како не им беше важно и продолжуваа со процедурите глумејќи дека се работи за фер судење“, изјавил Францес Еве, истражувач од организација за заштита на човековите права.

Чјин бил осуден во средата, откако претходно три години се наоѓал во притвор. Пред тоа, отслужил и 20 години затвор и две години во камп за принудна работа за про-демократски активизам, како што е обидот да регистрира Демократска партија на Кина.

Доколку тој биде ослободен во 2028 година, тогаш ќе има поминато скоро половина од својот живот во затвор.

Во последното апсење во 2015 година, тој бил на чело на продемократската организација наречена „Кина Хјуман Рајтс Воч“. Обвинет бил за користење на идејата за мирна транзиција кон уставна демократија за да го сруши лидерството на Кинеската комунистичка партија.

„Обвинетиот Чјин Јонгмин користи интернет и странски медиуми за да ги промовира своите текстови околу „мирната транзиција“ за да добие јавност во неговата субверзија“, се наведува во обвинението против него.

Сопругата на Чјин, Жао Сули, била притворена заедно со него во 2015 година и не била видена до 2018 година, кога се сретнала со роднини во парк, според информациите на Радио Слободна Азија. Се верува дека таа се наоѓа во куќен притвор.

Чјин претходно беше обвинет и осуден во 1998 година, откако се обидел да направи локален оддел на Демократската партија на Кина во период кога активистите се обидувале да формираат опозициски партии и зборувале за можноста за „Пекиншка Пролет“.

„Секој млад човек кој е посветен на демократијата може да ја најде својата улога и да работи напорно на нивниот фронт“, напишал Чјин во онлајн есеј кој е наведен во обвинението по кое е осуден.