„Кенгурски скок“ во уривањето на дивите плажи на Охридското Езеро – реакција на ОхридSOS

По одлуката на Уставниот суд да ја запре Уредбата на Владата за уривање на дивите плажи на Охридското Езеро, реагираше  иницијативата Охрид SOS со која бараат од општинските власти поголема транспарентност во процесот.

Во продолжение, Радио МОФ целосно ја пренесува реакцијата:

На почетокот на активностите за рушење на објектите на плажите од Горица 3 до Свети Стефан, Општина Охрид изјави дека „се работи за урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план“ додека оние кои стопанисуваа обвинија за селективност, посочувајќи дека на потегот од Горица 3 до Застава има огромни цврсти градби, потпорни ѕидови, дури и базени, кои се незаконски изградени, но нив никој не ги чепка. Наместо да се насочи кон нив и да ги демантира овие тврдења за пристрасност во постапката, локалната самоуправа продолжи кон Славија и Горица 3. Не знаеме дали претставниците на Делегацијата на Европската Унија при посетата неодамна беа однесени натака, да го види прекрасниот базен изграден до езеро.

Првичната изјава дека ќе се делува вон опфатот на ГУП општината наеднаш ја прекрши со акција на плажата Канео, која е во урбана зона УЗ 1.2 продолжувајќи кон Далјан, каде се започна со отстранување на дел (?!) од хотел изграден безмалку на брегот од езерото, но кој е вон границите на опфатот на планот односно планираниот развој. Уследи реакција од оние кои стопанисуваа со плажата Канео дека се врши селективно отстранување. Го прашуваме Константин Георгиески, градоначалник на Општина Охрид, дали активностите отсега ќе се одвиваат и во рамките на опфатот на ГУП или оваа акција во Канео беше тенденциозна? Инаку, според легендата поместена во ГУП Охрид (2002-2012) и плажата Канео, и таа Потпеш, и делот од каналот до Горица, Градска плажа се означени како зони за РЕКРЕАЦИЈА. Никаде не е прецизирано дали и под кои услови овие простори можат да се узурпираат и изградат со времена или цврста градба. Колкави количини бетон се депонирани само на плажата Потпеш. Никој не прикажал план, одобрение од научни институции дали може да се промени целосно визурата на тоа место. Но некој изминативе години етапно ја менува.

Зошто наеднаш се направи овој скок и дали се „амнестирани“ хотелот „Парк“ и угостителските објекти „Куба Либре“, „Кадмо“, „Амброзија“ и „Потпеш“? На 15 јуни од Општина Охрид побаравме, преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер да ги достават: (а) Сите јавни огласи за издавање под концесија плажи на територијата на Општина Охрид од 2008 г. до денес; (б) Сите договори потпишани со концесионери за издавање плажи на територијата на Општина Охрид од 2008 г. до денес врз основа на резултатите од јавниот оглас; (в) Висината на надоместокот кој концесионерите го плаќале (на годишно ниво) од 2008 г. до денес со доказ за уплата од страна на концесионерот. Одговор досега не добивме, по што ќе доставиме жалба до Комисијата за слободен пристап до информации.

Доставуваме службен документ добиен од општина Охрид во кој се гледа дека за трите објекти после каналот е донесено решение за рушење уште пред три години. Дополнително, наместо постапување кон тоа решение се прави ново јавно наддавање, кое е неуспешно. Во официјалната реакција, од „Куба Либре“ изјавија дека ги имаат „подмирено сите обврски по основ на концесии, на наше инсистирање, а во државната каса секоја година се уплаќаат шестцифрени суми во евра за даноци. Напоменуваме, уште еднаш, за да нема никакви дилеми во јавноста, дека се платени сите концесии, односно за секоја година од кога постои Куба Либре и по тој основ не должи ниту денар“. Ги повикуваме, доколку се навистина транспарентни како што се прикажуваат, да споделат јавно колку точно уплаќале за концесија од 2008 година до денес. Дополнително, бараме да го достават тој „проект изготвен од државата“ од кој не отстапиле ниту еден сантиметар. Да види јавноста кој го изработил и кој го одобрил и дали навистина нема отстапки.

Истовремено, до Влада на Република Северна Македонија е доставено барање за слободен пристап до информации од јавен карактер за катастарската парцела 5972/1 (катастарска општина Охрид 4) која е државно земјиште, од кога, под кои услови и од кого е отстапена на користење на хотелот „Парк“. Дали постои формален документ (договор), и доколку се работи за концесија, до која година е нејзината важност. Дали е дозволено да се гради на државно земјиште (во рамките на парцелата е изграден базен и други додатни содржини во рамки на хотелот)? Од приложената фотографија се гледа дека една од платформите се наоѓа во рамките на Охридското Езеро (обележената жолта област на првата слика) па доколку се работи за узурпација, дали, согласно последната Уредба со законска сила, тоа би требало да се руши? И од нив досега одговор не е добиен.

Со назнака „итно“, фирмите кои управуваат со плажите „Куба Либре“, „Потпеш“ и „Кадмо“ до Уставниот суд испратија Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба донесена на седница на Влада на 03.04.2020г, и на дополнувањето на истата изгласано на седница на Влада на 10 јуни, каде се бара посочените уредби да се прогласат за неуставни и истите да се укинат за да не произведуваат правни последици. Потсетуваме дека земјиштето на кое стопанисуваат е државно и не е отуѓено. За гостите на објектите после каналот дури е узурпиран и еден дел од Студенчишко Блато (УЗ 17 кој според ГУП е означен како Сторого заштитена зона – Студенчишта) кој е тампониран и се користи за паркинг. Кој дал одобрение и дозвола за ова? Која научна институција е консултирана или некој примил директно мито за да се „урбанизира“ тој дел?