„Кажи! Верувај! Активирај се!“ – онлајн настан за одбележување на Денот на волонтерството

Здружението „Младите можат“ по повод Денот на волонтерството кој се одржува на 5 декември, утре (сабота), со почеток од 13 часот организира онлајн настан на кој ќе се дискутира за волонтерските активности во заедницата, одржливоста на волонтерските активности и можности, и за тоа каква поддршка им е потребна на волонтерите.

Преку интерактивна дискусија, присутните ќе можат да поставуваат прашања до говорниците во однос на волонтирањето, одржливоста на програмите за млади волонтери и за начинот на кој тие можат да се вклучат, објаснуваат од „Младите можат“.

„Меѓу говорниците, покрај тимот на Младите можат, ќе бидат и Ирина Јаневска претседателка на Здружението за социјални иновации АРНО) и Никола Јовановски (волонтер, активист, поборник за заштита на животната средина, член на УО на Младите можат). Дополнително ќе дознаат за новиот merchandise на Младите можат кој има за цел да ги поттикне младите да бидат активни и преку неговото купување да допринесат во финансирањето на волонтерските иницијативи“, информираат од здружението.

Настанот ќе се одржи онлајн и истиот ќе биде спроведен преку стрим во живо од просториите на „Млади Хаб“, додаваат од „Младите можат“.