Канада од 2021 ќе ја забрани пластиката за еднократна употреба

Канада ќе ја забрани „штетната“ пластика за еднократна употреба веќе од 2021 година, со цел да се намали отпадот кој завршува во светските океани, најави премиерот Џастин Трудо.

Иницијативата е направена според сличните закони усвоени минатата година од Европската Унија и други држави. Канада истовремено ќе воведе и посебни „таргети“ за компаниите кои произведуваат и продаваат пластика, со цел да бидат поодговорни за пластичниот отпад.

Во моментов помалку од 10% од пластиката која се користи во Канада се рециклира. Трудо, прашањето за загадувањето од пластика го нарече „глобален предизвик“.

Во мај, Обединетите Нации соопштија дека 180 држави постигнале договор за намалување на количината на пластика која завршува во светските океани, каде штети на рибите, морските желки, китовите и другиот животински свет.

Морските животни често се заплеткуваат во пластични производи, како кабли, мрежи и рибарски јажиња.

Канадскиот премиер ја најави забраната само неколку месеци пред изборите во земјата, кои треба да се одржат оваа есен. Меѓу најжешките прашања во кампањата се очекува да бидат токму климатските промени и загадувањето.