Канада ќе ги оданочи емисиите на јаглероден диоксид

Премиерот на Канада, Џастин Трудо, вчера објави дека Канада ќе воведе данок за емисии на стакленички гасови, почнувајќи од 2018 година. Со тоа, владата на Канада сака да ги постигне целите поставени со Парискиот климатски договор.

Трудо ја најави промената во законот на седница на Домот на комуните, на која се расправаше дали Канада треба да го ратификува договорот. Се очекува да биде ратификуван во среда.

Трудо вели дека провинциите и териториите можат да воведат или директен данок на емисиите на стакленички гасови на најмалку 10 канадски долари на тон, или да воведат систем на наплаќање доколку не користат филтри за намалување на загадувањето.

Доколку некоја провинција не успее да го воведе законот до 2018 година, федералната влада ќе имплементира основен данок од 10 долари на тон, кој би растел секоја година, до 50 долари на тон до 2022.

„Нема бегање од климатските промени“, изјавил Трудо. „Реални се и насекаде. Не можеме да ги поправиме последните 10 години на неделување. Она што можеме да го направиме е реален и искрен труд, денес и секој друг ден, да го зачуваме здравјето на нашата околина, а со тоа и здравјето на сите Канаѓани“.

Трудо смета дека наплаќањето на загадувањето со стакленички гасови ќе ѝ даде на Канада „значајна предност“ во градење на почиста економија, ќе ги принуди компаниите да изнајдат иновативни начини да ги намалат емисиите и да создадат стотици илјади работни места во „чистите“ технологии.