Камерманката што сопна бегалец со дете може да добие затворска казна за нарушување на мирот

Камерманката која беше снимена како сопнува бегалец додека бега од полицијата, носејќи го својот син во раце, е обвинета за нарушување на мирот.

Петра Ласло рече дека нејзиниот живот бил „уништен“ поради снимката, која исто така, покажува дека таа удира девојче кога стотици баратели на азил ги преминуваа полициските линии во близина на унгарската граница за да стигнат до Будимпешта.

Ласло веднаш беше од отпуштена од телевизијата откако во јавноста започна да се споделува снимката, а сега може да добие и затворска казна ако биде осудена.

Истрагата покажала дека немало можност она што го направила Ласло да создаде повреда, изјави обвинителот Золт Копаш.

„Нема докази што би укажале на тоа дека потегот на обвинетата бил мотивиран од етнички причини, или поради тоа што жртвите биле мигранти“ рече тој, отфрлајќи ја можната казна за расно мотивирано злосторство од омраза.

Обвинителите велат дека додека снимала на 8 септември во кампот за регистрација, Ласло удрила млад човек и девојка.

Нејзиното судење ќе се одржи во јужниот град Сегед кон крајот на годината. Нарушувањето на мирот носи максимална казна од две години затвор според унгарскиот закон.

Човекот кој со својот син беа сопнати од камерманката, се преселија во Шпанија и беше ангажиран како фудбалски тренер во Мадрид.

Осама Абдул Мохсен, исто така познат како Осама ал-Гадаб, и неговата фамилија живееле во источната сириска провинција Деир ез Зор, но оттаму избегале во 2013 година кога се засилила војната.

Тој рече дека се приклучил на мирни демонстрации против владата на Башар ал Асад за време на Арапската пролет во 2011 година и тогаш морал да даде отказ од спортската федерација.

Неколку дена по инцидентот, камерманката упати писмо во кое вели дека искрено жали за она што се случи и дека била уплашена.

„Со камерата во раце не можев да гледам кој трча кон мене. Само почувствував дека сум нападната и дека морам да се заштитам“, напиша таа во писмото.

Мохсен и неговиот син беа дел од вкупно 400 000 бегалци и мигранти кои поминаа низ Унгарија минатата година пред владата да постави бодликава жица на границата со Србија и Хрватска.

Премиерот Виктор Орбан најави помасовна ограда за да го спречи зголемувањето на бројот ако не успее договорот помеѓу ЕУ и Турција.

Австрија се закани дека ќе ја тужи Унгарија до највисокиот суд на ЕУ поради нејзиниот отпор да прими мигранти кои биле вратени од соседните држави.

Волфганг Соботка, австрискиот министер за внатрешни работи, го соопшти предупредувањето во средата, кога владата се приближуваше кон тоа да усвои закон со кој границите би се затворале за барателите на азил ако нивната бројка достигне до 37 500 оваа година.

Според владините статистики, приближно 29 000 луѓе побарале азил во Австрија годинава, до крајот на јули.

Обединетите нации и хуманитарните организации изразија загриженост поради рестрикциите во Унгарија, Австрија и во други држави, додека илјадници бегалци се заглавени во Грција, или се задржани под договорот помеѓу ЕУ и Турција.

Голем број несреќи со потонати бродови се случија во Средоземното море додека бегалци преминувале од Либија и Италија. Повеќе од 3 100 баратели на азил се удавиле досега оваа година.