Калифорнија ќе ги затвори сите термоцентрали на јаглен и природен гас до 2045 година

Калифорнија си постави амбициозни цели и се обврза до 2045 година, сета електрична енергија да ја произведува од обновливи извори, јавуваат светските медиуми. Како што изјави гувернерот Џери Браун, ова е дел од преземените обврски од Договорот од Париз, со кој државата ќе ја насочува својата економија да испушта нула емисии на јаглерод диоксид.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од Климатскиот договор потпишан во Париз во 2015 година, одделни американски градови и сојузни држави најавија дека и покрај тоа ќе го почитуваат Договорот.

Според законот изгласан во Собранието на Калифорнија и потпишан од гувернерот, до 2025 година во државата најмалку половина од струјата ќе мора да се произведува од обновливи извори – сончева, геотермална, хидро енергија или од ветерници. До 2030 година овој удел треба да се зголеми до 60 проценти, а до 2045 година треба да се затворат последните термоцентрали на јаглен и природен гас.

За ваквата одлука критики упати компанијата „Пацифик гас и струја“, која снабдува две третини од Калифорнија со струја и гас. Ова барање е неисплатливо и неодржливо, соопштија од компанијата, од каде велат дека законот ќе доведе до поскапување на струјата и другите енергенси.