Милиони луѓе низ светот ги извадија своите черги за вежбање јога да прослават традиција која некогаш имала за цел да ги слави хиндуистичките светци, но сега е светски феномен.
Инструктори од повеќе од 100 држави неделава испланираа настани за да го прослават третиот Меѓународен ден на јогата, кој Обединетите нации го прогласија за празник во 2015, на настојување на индискиот премиер Нарендра Моди.
Откако дојде на власт во 2014 година, хиндуистичкиот националистички лидер се трудеше да ја промовира јогата, која тој ја вежба секој ден, како значаен дел од индиската историја и култура.
„Многу земји кои не ги знаат нашите јазик, традиција или култура, сега се поврзуваат со Индија преку јогата“, изјави Моди пред десетици илјади присутни во Лакнау, каде изведуваше јога пози денес.
И иако критичарите велат дека напорите на Моди да ја популаризира јогата е дел од поширока политичка агенда, има малку сомнеж дека е во право кога вели дека јогата е еден од најважните културолошки извози на Индија.
Но, како се прошири јогата, и дали вежбите кои луѓето во студијата и спортските сали низ светот ги прават правилно ја претставуваат индиската традиција?
Од „пивска јога“ до гола јога и и јога за кучиња – некои нови варијации кои можат да се најдат на другите континенти ги зачудуваат индиските истражувачи на јогата.
„Колку луѓе знаат што е всушност јогата?“, прашува д-р Манмат Гароте, директор на Лонавла Институтот за јога, лоциран југо-источно од Мумбај. „Интеграцијата на личноста е првата цел на јогата“.
Петте аспекти на „личноста“ кои „треба да работат во хармонија“ се физичкиот, менталниот, емоционалниот, социјалниот и спиритуалниот, вели тој.
Физичките аспекти на јогата, кои ја подобруваат еластичноста на ’рбетот, зглобовите и мускулите, се важни, додава тој, но функцијата на „асаните“ – позите, пред се е да влијаат добро на умот.
„Во моментот кога ќе можете да го стабилизирате вашиот ум, тогаш можете да постигнете комплетно отстранување на страдањето“, вели тој. „Така одите кон одржување на вечен мир“.
Толку возвишена мисија веројатно не е целта на сите кои вежбаат јога, пред сè, како вид на спорт.
Сепак, би биле изненадени да дознаат дека многу од најдобро познатите „асани“, како „куче кое гледа надолу“ и „поздрав кон сонцето“, нема да ги најдат во древните текстови од Индија.
Популарните јога стилови како Аштанга, Ијенгар и Винјаса Флоу се исто така модерни верзии.
„Наоѓаме нивни елементи во постарите текстови и историските извори, но многу делови од нив се модерни иновации“, вели тој.
Истражувачите веруваат дека „кучето кое гледа надолу“ е всушност „слон“ позата – за која се пишувало уште во 18-тиот век. Позата традиционално ја користат индиските борачи.
Марк Синглтон, истражувач на модерната историја на јогата во Училишето на ориентални и африкански студии на Универзитетот на Лондон, смета дека шведските и данските гимнастичарски вежби биле под големо влијание на индиската јога.
Набргу се проширила „преокупацијата со природниот фитнес“, па на почетокот на 19-тиот век, кога започнала да се развива и фотографијата, било можно да се гледаат слики од пози и вежби кои лесно се прошириле од Индија на Западот.
„Ова значеше дека европското сфаќање за гимнастиката и бодибилдингот се измешаа со индиските пози и положби“, смета. „А многу од тоа што денес го знаеме како јога, е резултат на таа комбинација“.
Јогата во Индија на почетокот ја вежбале само религиозните аскети, а првите зпомнувања за неа можат да се најдат од пред 2.500 години.
Со текот на времето, вежбите еволуирале, но јогата поминала низ значајна промена во изминатите 100 години како дел од глобализацијата. Затоа, физичките пози станале особено значајни.
Ваквите хиндуистички свештеници, кои седат во една поза со денови, сè уште постојат во Индија. Но, масовното учество во јогата од страна на Индијците се случило во 20-тиот век, како и во остатокот од светот.