Како црцорењето на една птица спречи лажна вест објавена со цел да ги дестабилизира еквадорските избори

Обид за дестабилизирање и влијание врз изборите во Еквадор преку пласирање на лажно видео беше уништен од страна на црцорот на една птица и многу внимателен орнитологист. Лажното видео прикажувало како левичарската колумбиска герила ја дава својата поддршка на еден од кандидатите на еквадорските избори.

Во видеото, кое било споделувано на социјалните мрежи пред првата фаза од изборите која треба да започне во недела, три маскирани и вооружени мажи стоеле пред црвено-црното знаме на „ЕЛН Колумбија“ – најголемата герила која сè уште постои. На видеото било претставено дека герилците ја оддаваат својата поддршка на левичарот Андрес Арауз.

Според кајронот на видеото, тоа било снимено во колумбиските џунгли, но црцорот на една птица открила обид за ширење на пропаганда.

„Веднаш го препознав црцорот и знаев дека видеото не е снимено во Колумбија. Станува збор за прилично примитивна птица. Видот живее на шумската почва и птиците не црцорат – туку испуштаат автентични и лесно препознатливи врисоци. Навистина среќна околност е што овој вид живее исклучиво во еден мал, редок и сув екосистем препознатлив за западен Еквадор и за северозападните делови на Перу“, изјавил Мануел Санчез, водич и проучувач на птици. Тој ја препознал светло кафената птица тинаму, која не е препознатлива за Колумбија.

Граматичките грешки, чудните акценти и неавтентичното оружје исто така биле сигнали дека станува збор за лажно видео, кое во јавноста почнало да се шири откако колумбискиот неделник „Семана“ тврдел дека има докази и документи за поддршката на герилата. Од герилата ги отфрлиле тврдењата на медиумот и го прогласиле видеото за лажно.

Во изминатите години, многу независни организации мобилизирале граѓански новинари, експерти и волонтери во обид да ги проверат фактите. Иако колумбиската војска и претходно користела орнитологисти како експерти за препознавање на локации, ова е прв случај во кој таков процес бил употребен за разоткривање на лажната герила.

Извор: Guardian