Кабинет на Џафери: Партиите се договорија дека приоритет е договор за локални избори во октомври

„Партиите се договорија дека од исклучителен приоритет за Република Македонија е постигнувањето договор за донесување на Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во месец октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците“.

Ова стои во соопштението кое стигна од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери. Toj денеска одржа координација со парламентарни претставници од СДСМ и коалицијата, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА. Претставник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не бил присутен.

Џафери бил запознаен со заклучоци од неформалната средба на преставниците на политичките партии, одржана изминатава сабота. Меѓу другото, бил известен и дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот (за изменување и дополнување на Изборниот законик) да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување.

„Претседателот Талат Џафери истакна дека со цел да се овозможат услови за редовно работење на Собранието на Република Македонија, неопходно е да се почитува Деловникот на Собранието на Република Македонија и ги повика политичките партии кои се застапени во Собранието, согласно член 33 од Деловникот на Собранието на РМ да го известат за формирање на пратеничките групи. Џафери потенцираше дека очекува во краток рок партиите да постигнат договор за формирање на работните тела, со цел измените на Изборниот законик да бидат донесени согласно деловничките процедури“, стои во соопштението.

Дополнително, претседателот Џафери и претставниците на политичките партии се согласиле дека политичкиот дијалог мора да продолжи во Собранието дека сите политички субјекти треба да бидат одговорни пред граѓаните и да допринесат за продолжување на демократските процеси во Република Македонија.