Јутјуб забранет во наредните месец дена во Египет поради видео со пророкот Мухамед

Врховниот суд во Египет донесе одлука и им нареди на властите да го блокираат видеосервисот Јутјуб во период од месец дена, вклучително и линковите кои водат до неговите видеа.

Причина за тоа е што Јутјуб во 2012 година дозволи објавување на антиисламско видео под називот „Невиноста на муслиманите“ (Innocence of Muslims).

Ова кратко видео во кое се појавува портрет на пророкот Мухамед наиде на жестоки реакции во исламскиот свет, а во Египет во 2013 година е покренат случај со цел да се забрани Јутјуб.

Но, жалба го одложи донесувањето на пресудата во наредните пет години. Сепак, последната одлука е конечна и не може да се поништува.

Од друга страна, Јутјуб претрпе промени од 2012 година, така што денес покажува поголема волја за изолирање и бришење на снимки кои содржат омраза. Поради тоа, повеќе станува збор за симболична казна.