„Југохром“ тврди дека до полноќ ќе ги исклучи сите печки

Раководството на „Југохром“ тврди дека од синоќа етапно почнале со исклучување на печките за производство, а по полноќ сите печки ќе бидат исклучени.

Ова доаѓа откако пред два дена на комбинатот му истече уште еден рок за поставување соодветни филтри, па Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука за затворање на„Југохром“.

Оваа одлука се уште не е потврдена од Владата, но, сепак, управата на „Југохром“ вели дека ќе ја почитува. Исто така, додаваат дека нивни екипи ќе продолжат со изградба на филтер-станицата, чии темели веќе биле поставени.

„Досега филтер-станицата ќе беше изградена, но околу 20 месеци чекавме за да добиеме градежна дозвола за нејзина изградба. Затоа побаравме продолжување на рокот за поставување на системот за отпрашување“, велат од управата на „Југохром“.

Со затворањето на „Југохром“ околу 1.000 работници ќе останат без работа. Но, досега повеќе активисти и организации потенцираа дека овој факт се користи и како социо-економска „замка“, односно владата репризно го користи како главен аргумент за да го продолжи работењето на комбинатот, кој, според проценките, претставува еколошка бомба за околу 200.000 граѓани само од Полошката котлина.

Од ДОМ вчера најавија нова кривична пријава доколку Владата не ги преземе законските мерки за да ги заштити граѓаните од труењето на „Југохром“.

Невладината „Еко Герила“, пак, објави видео-материјал со сите ветувања, одложувања и прекршувања на роковите за поставување соодветни филтри на комбинатот од Јегуновце.

.’Југохром’ имаше повеќе од две години да го реши овој проблем, бидејќи Законот кој бара да се постават филтри во фабриките постои од 2005 година. Фактот што ‘Југохром’ ги злоупотреби сите досегашни рокови и проаѓа неказнето од Министерството за екологија и Владата, фактот што Јавното обвинителството на Тетово, не прифатило да процесира ниту една кривична тужба против овој загадувач, како и молчењето на многу институции за овој проблем, ни ја губи надежта дека проблемот со згадувањето со кој се соочуваат граѓаните на Тетово ќе се реши“, рекоа од „Еко герила“.