Јавните личности со порака: Го сакам градот безбеден!

Глумци, пејачи, новинири, спортисти, водители и останати јавни личности, испратија заедничка порака „Го сакам градот безбеден“, и со тоа даваат поддршка на новата едукативна активност на РСБСП која го носи токму овој наслов, а има за цел подигнување на сообраќајната култура и свест во секој град и во секое населено место во Македонија.

На овој начин, РСБСП со поддршка на јавните личности ги најавува двете активности кои ќе се случуваат престојниот период. Станува збор за кампањата „Недела за безбедност на сообраќајот“ во Охрид и во Битола.

„Во Република Македонија, во просек годишно околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6000 лица се тешко повредени. Тоа значи дека на секои два- три дена по еден човек го губи животот во сообраќајна незгода, а по неколку лица на ден се тешко повредени и остануваат со траен инвалидитет како последица на сообраќајна незгода. Сообраќајните незгоди се причина број еден за смртност кај младите лица“, велат од РСБСП.

Главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици се брзото возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните правила и прописи, неетичко, некултурно, неодговорно, нетолерантно однесување во сообраќајот.

РСБСП и сите јавни личности кои ја поддржа кампањата „Го сакам градот безбеден“ апелираат на поголема одговорност во сообраќајот, целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.