ЈАДРО: Не се прифатливи министри без да знаеме што работат и за што се залагаат

Ако нема континуитет во политиките, тогаш се руши целиот концепт на културата, а тој останува суштински потребен. Нам не ни се важни персонални решенија, туку суштината. Јавноста има право да го слушне ставот на политичките фактори пред да се слушнат промените, и не е прифатливо да имаме нови министри без да знаеме за што тие работат и за што се залагаат, реагираат од Асоцијацијата за независната културна сцена ЈАДРО, во однос на најавената смена на Роберт Алаѓозоски од ресорот култура.

Јане Чаловски, претседател на ЈАДРО, смета дека културата во Македонија во последната година тргна во процес на сериозни реформи и преструктуирање, па, во тој контекст, Асоцијацијата бара аргументација од Владата за одлуката за Алаѓозоски.

„Инклузивниот процес во кој учествуваме сите ние предизвика да се усвои Стратегијата за култура 2018 – 2022, подготвен е и Нацрт-колективниот договор, овозможено е правично третирање на сите заедници и поддршка за независната сцена. Исто така има сериозни зафати во однос на културното наследство. Без оглед на пропустите и грешките, овој процес го очекуваме како солиден, инклузивен, партиципативен и целиме дека треба да продолжи“, рече Чаловски на денешна прес-конференција.

Асоцијацијата е загрижена за континуитетет на овие процеси, во ситуација кога
„не е слушнато ништо од потенцијалните кандидати од БЕСА и начинот на кој ќе продолжат“.

„Движењето БЕСА во изминативе години спроведува наративи кои се спротивни на Владата на РМ и конкретно во делот на Стратегијата. Оттаму, произлегуваат сите наши прашања, каде се зборува за интегративни процеси, каде зборуваме за богатството на различности, градење на едно општество за сите, каде збориме за дисконтинуитет на етнонационализмот во културата и градење на паралелни светови. Тоа не го сакаме“, рече Чаловски во име на ЈАДРО.

Реагираше и Кооператива – регионална платформа на организации кои работат на полето на независна култура. Во писмо до премиерот Зоран Заев изразуваат најдлабока загриженост за промената на Алаѓозоски и го осудуваат овој чин.

„Преку нашите долгорочни активности во областа на културата, бевме во можност да добиеме увид во работата на г-дин Алаѓозовски, додека беше активен во областа на независната култура, како и да стекнеме сеопфатен увид во неговата работа како министер за култура . Врз основа на ова, ние го разбираме неговото отпуштање како недостаток на интерес за развој на културната област, како и длабоко непочитување и недоразбирање на улогата и релевантноста на секторот во поширокиот општествен и меѓународен контекст“, се вели во писмото на Кооператива, која опфаќа 22 независни културни организации и 4 мрежи на организации од регионот.

Од БЕСА, пак, на прес-конференција повика „да не се паничи од министерот за култура кој го предложиле“.

„Движењето Беса – потсетувајќи дека министерските позиции се политички функции – останува отворена за дијалог со сите политички и невладини фактори во земјата, како и подготвена да разговара и комуницира за сите, додека министерот за култура од редовите на Беса ќе биде токму новиот албански дух што сакавме да го донесеме ние по падот на режимот. Тој ќе биде подготвен да ги сослуша сите предлози, жалби, сугестии и критики од јавноста, без оглед на етничка припадност, сето ова со цел да се произведат вистински културни вредности за доброто на сите граѓани и на земјата воопшто“, изјави Флорина Емини од Беса, од крилото на Африм Гаши.

Инаку, најавената на министерската позиција поттикна и петиција, со која се бара да се каже „НЕ“ на пазарењето со културата.