(Из)вонредни предавања „Космологија и астрофизика: многу куса историја на времето“

На следното (Из)вонредно предавање ќе учиме за космологија и астрофизика. Ова отворено предавање за млади и истото е насловено „Космологија и астрофизика: многу куса историја на времето“.

Предавањето ќе  го одржи Анастасија Марковска, член на МОФ, на 9 мај во 19:00 часот на платформата за видео комуникација Zoom.

Инспирирано од пристапот на проф. Стивен Хокинг во неговиот научно-популарен бестселер Кратка историја на времето, ова предавање ќе биде преглед на модерната наука за вселената. Оставајќи ги математичките равенки за некоја поформална прилика, сликите, дијаграмите и анимациите ќе го носат главниот товар зад доловувањето на клучните досегашни сознанија. Покрај дескриптивниот аспект, ќе погледнеме и низ призмата на епистемологијата, историјата и филозофијата на науката со цел да избегнеме сувопарни факти и суштински да навлеземе во механизмите на универзумот.

Вселената е сè што постои – сиот простор, време,  материја и енергија. Таа опфаќа сè: од светлината на твојот екран до светлината на супернова од ѕвезда пред умирање; од хелиумот во твоите роденденски балони до хелиумот во Сонцето; од твоето досегашно постоење (15, 20, 30 години?) до досегашното постоење на нашата планета, 4.5 милијарди години.

Човековата слика за вселената се менувала низ годините. Маите сметале дека Млечниот пат е портал кон задгробниот живот, Вавилонците вовеле математички пресметки во предвидувањата за астрономските феномени, а Платон го поделил универзумот на „физички свет“ и „свет на идеи“. Денешните достигнувања во космологијата (наука за потеклото и еволуцијата на вселената) и астрофизиката (наука која ги применува физиката и хемијата при проучување на небесните тела) се водени од слична љубопитност. Како настанал универзумот? Како функционира?  Од што е составен? Каков ќе биде неговиот крај?

За да го проследите предавањето треба да го пополнитe краткиот прашалник: https://forms.gle/QJoc5heha3Bx3tPV6

Доколку веќе сте регистрирани за (Из)вонредните предавања, кога ќе дојде терминот за предавање ќе ви биде испратен е-маил со линк до предавањето.

Отворените предавања за млади се организираат во склоп на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, поддржан од Фондација Отворено општество-Македонија.