Изведба на претставата „Немам каде да се вратам“ во кино Култура

Групата за перформанс Кунстверкштат на Младински образовен форум во понеделник (25-ти март), во кино Култура со почеток во 20 часот ќе ја одржи својата петта изведба на претставата „Немам каде да се вратам“. Воедно, групата ќе го прослави својот 5-ти роденден.

Претставата „Немам каде да се вратам“ е претстава за талкањето на сириските бегалци. Да се талка значи и да се трага, да се бега, а во оваа претстава тоа значи и да се најде, велат од Кунстверкштат.

„Она што ликовите од оваа претстава го наоѓаат е нивниот сопствен однос кон она од кое што бегаат. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји“, стои во описот за претставата.

По иведбата следува забава со музиката на The DD’s.

Претставата е по текстот на Милош Андоновски, а режијата е на Дени Стојанов.

Во неа играат:
Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Ивона Кузмановска, Јана Бангиева, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тамара Ангелова, Тина Спировска, Филип Христовски и Христина Мирчевска.

Влезот за претставата е бесплатен.

Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критичка мисла. Во мај 2017 претставата „Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа“ ја освои Гран при наградата „Васил К. Ќортошев“ за најдобра претстава на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија во Кочани.

Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и досега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам ENGAGE, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“, како и самостојните изведби на своите перформанси и претстави. Во 2015-та година, групата ја одигра претставата „Ненаучена лекција“ во пет градови во Македонија: Скопје, Велес, Неготино, Струга и Тетово.

Во периодот февруари- мај 2016 членовите на групата се приклучија кон проектот „Во чевлите на бегалците“, како дел од перформансот „Нивниот пат“.

Претставата е во продукција на Младински образовен форум со поддршка од проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“.