Изведба на „Океанот“ во „Кино Култура“

Монодрамата „Океанот“, според мотиви на „Психоза 4, 48“ од Сара Кејн, во недела 21 октомври ќе биде изведена во „Кино Култура“.

Во „Океанот“ игра Симона Димковска, а режијата е на Драгана Гунин.

„Ова не е класична изведба по мотиви на еден познат драмски текст во кој отворено се говори за самоубиството и се следат последните мигови од животот на Сара Кејн. Ова не е ниту авторска и документарна претстава на младата актерка Симона Димковска. „Океанот“ е сериозна монодрама во која актерката со својот огромен потенцијал ги вади океанските длабочини на внатрешното битие распострирајќи го низ неколку кратки темати – машко-женските односи, родителите, пријателите, лекарот (режисерот Милош Б. Андоновски се јавува како гласот на лекарот) и системот, воопшто, кои пак се драматуршки поставени како интермеца меѓу сличните парчиња од драмата на Кејн“, напиша за монодрамата Ана Стојаноска, театролог.

Претставата е во копродукција со Кино Култура, Театар на Навигаторот Цветко. Проектот е финансиран од Министерство за култура.