Изработени шест концепти за редизајн на зелени површини, Скопје лаб бара мислења од граѓаните

Тимот на Центарот за иновации на Град Скопје (Скопје Лаб) информира дека во изминатиот период работел на иницијативата за редизајнирање на зелени јавни површини/паркови.

Преку иницијативата Градот ќе уреди шест зелени површни кои, како што велат, досега не беа доволно искористени, а целта е да обезбеди подобар јавен простор за релаксација, одмор и дружење за граѓаните, а воедно и да помогне во разубавување на градот.

„Ова фаза ќе опфати уредување на 6 јавни зелени површини, но се очекува оваа иницијатива да продолжи и понатаму со оглед на заинтересираноста на граѓаните како и на останатите јавни, приватни и граѓански организации да помогнат во уредување на ваквите површини. Пред да се помине на уредување, Градот сака уште еднаш да го слушне мислењето на граѓаните за 6те концепти кои беа изработени врз основа на добиените одговори во процесот на теренско и онлајн истражување кое се спроведе во периодот Август – Септември 2018 год“, велат од Скопје лаб.

Се работи за концепти за просторот спроти „Рамстор“/Стопанска банка на булеварот „Јане Сандански“, до автобуската постојка. Вториот е зелениот простор кај Мартиновски под Кале. Трет е паркот пред Поликлиника „Идадија“ до маркетот „Веро“. Четвртиот простор е паркот пред Министерство за екомомија до Градска кафана „Фурна“.

Петтиот е потегот покрај булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“, од НРБМ до мостот „Мајка Тереза“. Последниот, шестиот концепт е за парк на Архитектонски факултет.

Како што велат од Скопје лаб, сите мислења и коментари во поглед на концептите може да се достават на  skopjelab@skopje.gov.mk, најдоцна до 30 мај со цел да може да се направи ревизија на концептите пред распишувањето на јавната набавка.

Повеќе за концептите може да се види ТУКА.