Изложба за Ана Франк на плоштад „Филип Втори“

Утре (9 ноември), од 17 до 23 часот на плоштадот „Филип Втори“ во Скопје, ќе се одржи изложбата „Ана Франк- Историја за денес“ во организација на Младинскиот образовен форум.

Изложбата е по повод сеќавање на „Кристалната ноќ“ – историски настан кој се случил ноќта меѓу 9 и 10 ноември во 1938 година, кога нацистите организираа масовен напад на еврејската заедница во Германија. За време кристалната ноќ, уапсени и депортирани во концентрационите логори беа скоро 30.000 Евреи, 267 синагоги беа изгорени, околу 7.500 еврејски станови и продавници беа уништени, а над 200 Евреи беа убиени.

Името „Кристална ноќ“ потекнува од Берлин, каде што улиците биле покриени со стаклото од скршените прозорци на еврејските имоти.

Изложбата е составена од триесет и девет изложбени панели кои ја раскажуваат приказната за Ана Франк, но истовремено раскажуваат за Холокаустот и Втората светска војна, како и седум панели за домашните случувања во периодот по Втората светска војна до денес.

Досега, изложбата беше поставена во 22 градови, а ја посетија повеќе од 19 илјади посетители.

Изложбата во Северна Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ кој е поддржан од Европска унија, Министерство за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.