Изложба на млади дизајнери од Балканот во Скопје

Една од најзначајните изложби „Young Balkan Designers“ која го обединува дизајн секторот од регионот, и годинава ќе биде претставена во Скопје за време на Недела на дизајнот.

Оваа година, под менторство на светски познатите членови на жири Константин Грчиќ и Никола Радељковиќ, ќе допатуваат 15 иновативни решенија на младата дизајнерска сцена од Балканот.

Темата на изложбата оваа година е со наслов „New Analogue“ и ќе донесе продукти кои го содржат човечкиот допир со процесот на дизајнирање и производство, поврзувајќи го со материјалите, занаетите и техниките на изработка што се дел од културната традиција на Балканот.

„Young Balkan Designers” оваа година е составена од прототип решенија на дизајнери од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Изложбата е дел од активностите на Балканската дизајн мрежа, основана од Друштвото на хрватски дизајнери од Загреб, „Миксер“ од Белград и „Јавна соба“ од Скопје. Пред да биде изложена на Недела на дизајнот во Скопје, изложбата беше претставена на фестивалот „Индиго“ во Љублана, Словенија.

Недела на дизајнот во Скопје годинава ќе се одржи од 23 до 27 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ (Public Room) во Скопје.