Изложба на македонски и хрватски уметници за идентитетот на жената во современото општество

Друштвото на ликовни уметни од Македонија, со своите колеги од Хрватска организираат изложба насловена „Фемининологија“, која ќе се отвори утревечер во 20 часот во Галерија „КО-РА“ Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.

Во неа учествуваат повеќе уметници како: Гордана Бакиќ, Мерцедес Братош, Ивона Јуриќ Кљајо и Кораљка Ковач од Хрватска, како и Јана Манева-Чупоска, Наташа Милованчев и Гордана Вренцоска од Македонија. „Фемининологија“ за првпат беше претставена во Загреб.

„Во бескомпромисната борба за свој идентитет, во погрешните обиди да се изедначи со мажот со кого е всушност идентична, во општество на измешани вредности во кое веќе не постојат референтни точки на женскоста и машкоста, жената го загубила својот идентитет. Но, во нашето цивилизациско наследство структуралните рамки што ја одредуваат се искривени уште од самиот почеток“, пишува Санда Станаќев Бајзек.

Преку оваа изложба, седум уметници со своите животи и дела ги отелотворуваат темелните женски принципи што преку сложена морфологија и интердисциплинарен пристап кон сликата јасно се исчитуваат од нивните ликовни творби, акцептирајќи го токму нивниот повеќеслоен идентитет, бројните стереотипи, улогата и значењето на жената во општеството.

Тематизирајќи го и сопствениот идентитет минувајќи по „општите места“ на нашите цивилизациски потклекнувања – сексуалноста, личните слободи, моралот, наметнатите улоги, но бидувајќи и автореференцијални, допирајќи се до сопствената интима, чувства, откривајќи ни се себеси како исклучителни духовни и уметнички битија. Нивните ликовни приказни го надминуваат матичното време станувајќи општи и универзални, примордијални и современи, покажувајќи дека големите теми не се ни „женски“ ни „машки“ туку само човечки.