Изложба на контроверзниот Олег Кулик во Мала станица

Националната галерија ја најави изложбата насловена „Merry-go-round“ на Олег Кулик, која ќе се отвори утревечер (22 јуни) во 20 часот, во мултимедијалниот центар Мала станица. Изложбата е во соработка со самиот автор и Музејот на современата уметност на Војводина, Нови Сад.

Олег Кулик е еден од најконтроверзните уметници од Источниот блок чии акции и перформанси сѐ уште предизвикуваат непријатност, отпор, па дури и шок, а дефинитивно ги поставувале и сѐ уште ги поставуваат дискурсите за дозволивото и општествено прифатливото во уметноста, велат од Националната галерија.

„Ова е ретроспективна изложба на моите перформанси, но од гледна точка на мојот нов период – периодот на скулптури (всушност, ова е враќање кон моето потекло, откако започнав како вајар раните 1980-ти години). Така, јас гледам на моите перформанси како скулптор и гледам нови аспекти на телото. Ова е телото како скулптура што сега ме интересира. Порано имав интерес кон телото во ситуација“, вели Олег Кулик.

На изложбата во Мала станица ќе бидат претставени неговите антологиски акции од 90-тите години на минатиот век и познатите амблематски изведби од сериите „Бесно куче“, „Јас ја касам Америка, Америка ме каса мене“, „Ја сакам Европа, а таа не ми ја возвраќа љубовта“, фото колажи од 2000-тите, како и нов перформанс и скулптура изведени во соработка со Музејот на современата уметост од Војводина.

Олег Кулик е роден во 1961 година во Киев и важи за еден од основачите на акционизмот во постсоветска Русија. Преку својата работа, тој ги истражува односите меѓу политиката и моќта, емоционалните и физичките аспекти на односот меѓу луѓето и животните, нормалноста и отстапувањето, кичот и уметноста. Дипломирал на Кралската уметничка школа во 1979 година. Тој ја започнал својата кариера како кустос во галеријата Риџина во Москва, каде што неговите неконвенционални изложби и пристапи веднаш го привлекле вниманието на јавноста.

Од 2000-тите, тој главно се занимавал со техники како што се фото-колаж, скулпторски инсталации, сликарство и перформанси.
Учествувал во многу меѓународни проекти и биеналиња, вклучувајќи го и Биеналето во Венеција, како и Фестивалот Манифеста, а неговите дела се чуваат во колекции ширум светот во некои од најважните музеи, како што се Тејт Модерн, Помпиду, Галеријата Третјаков и други . Тој добил стипендија од Фондацијата Полок-Краснер (1990) и стипендија од Берлинскиот сенат (1995). Покрај бројните меѓународни награди, Кулик бил одликуван и со Медал за заслуги (Достојниот) од Руската академија на уметностите. Живее и работи во Москва.

Изложбата ќе биде поставена до 15 јули, а одговорен кустос за проектот е Ана Франговска. За времетраењето на изложбата ќе се организира и онлајн разговор со Олег Кулик, а во почетокот на јули ќе ни гостува и Сања Којиќ Младенов, куратор на проектот во Музејот на современата уметност на Војводина, која ќе одржи предавање за соработката со Кулик и за нејзините позначајни проекти.