Изложба на фотографии инспирирани од Јапонија во Галерија НЛБ

„Јапонија“ е насловот што го носи изложбата на Дејан Колевски која ќе биде отворена утревечер во Галерија НЛБ во 20 часот.

Изложбата преставува четириесеттина уметнички фотографии изработени во црно-бела и колор техника.

Тие се направени во текот на мај 2016, кога авторот престојувал во градовите Токио, Јокохама, Осака, Кјото и Каназава.

„Јапонија е сосема поинаков свет од оној во кој живееме, а тоа се сфаќа брзо по пристигнувањето. Таа е земја на контрасти, а споевите или судирите меѓу традиционалното и модерното можат да се видат насекаде, почнувајќи од облеката на луѓето до архитектурата. Изложбата има за цел, на посетителите да им долови дел од прекрасната Јапонија“, вели Колевски.

Изложбата на фотографии е под покровителство на Фото Сојузот на Македонија и за јавноста ќе биде отворена до 28 мај.

***

Дејан Колевски со фотографија интензивно се занимава повеќе од дваесет години. По професија е телекомуникациски инженер, а фотографијата му дава можност за креативно изразување. Автор на повеќе самостојни изложби на фотографија. Со негови фотографии има учествувано и добивано награди на државни и меѓународни изложби на фотографија.