Изложба на дигитални колажи на Марија Смилевска на плоштадот во Автокоманда

На 1 септември со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата на дигитални колажи на Марија Смилевска, која ќе се одржи на плоштадот во Автокоманда, во организација на КЦ 750. Изложбата ќе биде отворена до 5 септември, секој ден од 19-22 часот.

„Преку мистериозните фигуративни форми позиционирани во имагинарни амбиенти, дигиталните колажи на Смилевска го повикуваат гледачот да комуницира со внатрешниот свет на осамените личности“, стои во описот на изложбата.

Марија Смилевска е родена 1980 г. во Скопје. Во 2007 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Сега работи како графички дизајнер, слика и прави дигитални колажи-илустрации.

Досега имала три самостојни изложби во Скопје, а нејзини дела биле застапени на повеќе групни изложби, едно биенале, мултимедијални перформанси, истражувачки проекти и интервенции во јавен простор, во Скопје, Кавадарци, но и во Берлин и на островот Корчула во Хрватска.

Инаку, КЦ 750 е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот, поддржан од Министерството за култура на РС Македонија е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. КЦ 750 преку мобилниот концепт ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.