Изложба „Гоблени“ на Филип Ивановски – Пепе во ФЛУ

Во склоп на третото издание на „Каледиоскоп“, ќе се одржи самостојната изложба на Филип Ивановски Пепе – „Гоблени“. Изложбата ќе биде отворена денес, на 30 септември, во галеријата во склоп на Факултетот за ликовни уметности- Скопје.

Делата Пепе ги развива преку испреплетување на пластични ленти сечени од најчесто зелени пластични шишиња. Ваквиот пристап тој го применува и со сечење амбалажи од лим и сечење на алуминиумски ленти, во комбинација со цемент, моделиран стиродур, обработен гипс, сликани објекти.

Според Пепе, општество е едно големо уметничко дело, дело во кое секоја единка придонесува креативно на свој начин.

„Собирањето на пластични шишиња, кое првично започнува неформално, се до согледувањето на патот на нештата, кога потоа собирањето шишиња станува приоритетно. Илјадници исечени и испреплетени шишиња стануваат носечки материјал во делата, за кои многу големо учество имаат пријателите и опкружувањето, тие беа дел од процесот, континуирано до крајот“, вели авторот.

Делата на Пепе ќе бидат претставени во седум етапи и тоа „Првиот грев преку сликаниот објект Атанас и Славица“, „Трагите од некое постоење во отпечатоците на Цивилизација I“, „Приказните од нашето секојдневие, изгубената контрола и вредоности во Изгубени работи“, „Новата ера на одржување односи и врски преку Муабет“, „Како гледачи не поставува над „високите“ згради со поглед кон Град за птици“, „Трагите од некое идно постоење, испреплетени и вметнати во Цивилизација II“, додека на крајот вниманието е локално и упатува на социјалните теми кои обележуваат еден период, со не случајно поставени елементи во „Coup D’état“.

Посетата на изложбата ќе биде во склоп на протоколот за одржување на јавни настани, со предходна најава, со почитување на мерките за одржување физичка дистанца и задолжително носење заштитна опрема.