Изгласана забраната за достава на стока меѓу 7.30 и 18 часот во центарот на Скопје

Советот на Град Скопје вчера изгласа забрана за доставување стока во периодот од 7:30 наутро до 18 часот од 1 декември до 31 март на потесното градско подрачје, со цел да се намали загадувањето.

Од Град Скопје информираат дека согласно Одлуката за организирање и дефинирање на условите, доставување на стока ќе се врши во периодот од 18 до 7:30 часот, со запирање и паркирање не подолго од 15 минути.

Одлука е предвидена и со „Препораките на Интервентната акциска група за итните мерки против загадувањето на воздухот“ од 15.12.2017 од страна на Владата на Република Македонија.

Град Скопје ги информира сите засегнати страни дека Секторот за сообраќај ќе изврши усогласување на издадените одобренија – повлекување и издавање на нови одобренија во согласност со одредбите од одлуката.

Одлука влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

Извор: МИА